Португалското претседателство разработува цела една стратегија со која што ќе настапи пред Софија и Скопје, и тоа се очекува да се случи во следните денови, најави премиерот Зоран Заев.
Се гради стратегија како ЕУ да го врати својот кредибилитет, Брисел е запознаен со црвените линии на Северна Македонија и се прават напори да се одржи првата меѓународна конференција кон крајот на јуни, порача премиерот Зоран Заев во интервју за „Утрински брифинг“.
„Kабаетлукот на ЕУ е недвојбен и се градат стратегии како конечно Европа да го врати својот кредибилитет овде. Сите знаат дека ниту една земја, аспирант за членка на Унијата не чекала толку долго како нас. Шеснаесет години. Граѓаните треба да ја согледаат реалноста. Бугарија има техничка влада, но тоа не значи дека не треба да направиме сѐ за да се најде решение. Мислам дека и за бугарската страна е добро да се изнајде решение. Граѓаните на изборите им порачаа дека политики што носат непријателство, блокади и кочници не се поздравени и поддржани. И претседателот Радев, кој многу често зборува за европеизација, европските манири треба да ги направи овие чекори. Не сакам да ги креваме нереално очекувањата па после пак да бидеме скршени, но оваа година треба да направиме пробив“,
изјави Заев.
Новината, како што нагласува Заев, е дека португалското претседателство разработува цела една стратегија со која ќе настапи пред Софија и пред Скопје.
„Верувам дека до крајот на оваа недела ќе се случи тоа. Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако ги чепнете македонскиот идентитет и јазик, тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал. Ние преку португалското претседателство и еврокомесарот Вархеји разговараме како влади. Очекувам до крајот на неделата министерот за надворешни работи на Португалија, која е претседавач со ЕУ, и комесарот да одат во Софија и да дојдат тука и да соопштат решение на кое работат веќе пет-шест месеци“,
додаде Заев.
Како што објави „360 степени“, шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, утре ќе ги посети Софија и Скопје, а целта на еднодневната мисија на Силва, според дипломатски извори, е во детали да се зборува за можен излез од ќор-сокакот во кој западнаа македонските евроинтеграции по ветото од Бугарија.
В сабота, пак, според информациите на „360 степени“, во Скопје ќе допатува министерска тројка на ЕУ – шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и на Словенија. И нивното доаѓање во земјава е дел од пошироката иницијатива за деблокада на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија – усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција.
Посредничката мисија на Португалија во понеделникот во интервју за „360 степени“ ја најави вицепремиерот Никола Димитров.