По интервјуто во петокот, вчера се огласи и Пендаровски, кој за „Дојче веле“ рече дека не му се нарушени односите со Владата и оти во изминативе 28 месеци со Владата немал ниту едно разидување околу стратегиските прашања – евроинтеграциите, надворешната политика, безбедноста или меѓуетничките односи

Не си дозволувам да коментирам интервју на претседателот Стево Пендаровски, тој е претседател на сите граѓани, одлично си ја врши работата и е коректив, се дел од коментарите што ги даде премиерот Зоран Заев по интервјуто на Пендаровски за „360 степени“ во петокот, во кое настапи со критични тонови за неколку прашања во однос на политиките на Владата.
„Не си дозволувам длабински анализи на интервјуа, ставови и соопштенија на претседателот. Претседателот е претседател и секако неговата функција, меѓудругото, е да биде коректив. Почитуваниот претседател Пендаровски беше советник за НАТО во мојот кабинет и денеска е претседател на сите граѓани и тоа што тој го соопштува јас секогаш го чувствувам најдобронамерно за да отстраниме одредени слабости, да учиме од одредени недостатоци во минатото, да се усовршуваме и подобруваме. Од неговиот избор наваму тој е претседател на сите граѓани, тоа е некаде повеќе од две години. Навистина одлично ја врши функцијата и навистина е коректив. На нас политичарите нема да ни падне капата од главата ако некој дури и од своите редови, некој кој бил поддржан од нас, ни испрати некоја критика. Треба да учиме од критиката, да се поправаме за да бидеме подобри во периодот што е пред нас“,
рече Заев.
По интервјуто во петокот, вчера се огласи и Пендаровски, кој за „Дојче веле“ рече дека не му се нарушени односите со Владата и оти во изминативе 28 месеци со Владата немал ниту едно разидување околу стратегиските прашања – евроинтеграциите, надворешната политика, безбедноста или меѓуетничките односи.
„Иако во неколку наврати сме имале различни мислења за одредени законски проекти или за случаи на прекршување на правото од носители на високи функции, тоа се нормални работи кога имате кохабитација меѓу демократи. Да бидам уште попрецизен – за овие, скоро две и пол години, никогаш не сум добил ни јавна ни приватна забелешка од Владата за одредени мои изјави и постапки. Поинаку и не може да биде, зашто со клучните луѓе во Владата, на чело со премиерот Заев, се познаваме долги години и имаме поминато ’сито и решето‘ и на улиците, и во институциите, и во борбата за подобар живот“,
рече Пендаровски за „Дојче веле“.