Годинава состојбата со лозарството е тешка, затоа што затворени се угостителските објекти подолг период и дома, но и во земјите кои ни се традиционални партнери и тоа предизвика да имаме 55 милиони литра вино во визбите, за разлика од лани овој период кога имаше 30-35 милиони литри, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со лозарите во Кавадарци.
Тој им порача на винариите да останат на договорените откупни цени од 11 денари за „вранец“ и 9 денари за „смедеревка“, а државата ќе интервенира со ветените четири денари поддршка за овие две сорти и дополнително со два денари за високосортното грозје.
„Ние веќе поразговаравме со македонските визби, кадешто утврдивме одредени цени. Логично, овие денови се појавуваат различни аспекти на поставувањето на цените, но како што реков, мора да изнајдеме фер и правично решение, кадешто ќе бидат задоволни сите, а пред се граѓаните, на кои им служиме, а тоа се лозарите или производителите на винското грозје коешто дефинитивно е проблематично“,
рече Заев.
Тој додаде дека пред неколку месеци се исплатени 11 милиони евра, директни субвенции кон земјоделците.