Сите преостанати прашања од договорите со Грција и со Бугарија ќе се решаваат на билатерални средби и во пријателска атмосфера, им посочил премиерот на европските дипломати заложувајќи се, исто така, и за вклученост на опозицијата во процесот на преговори. За денеска се најавени и онлајн-средби со Сасоли и Вархеји
Европскиот совет да ја усвои рамката за преговори и првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на годинава, за време на германското претседателство со ЕУ… Тоа се најважните приоритети на Северна Македонија во овој период што биле истакнати во денешниот состанок на премиерот Зоран Заев со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој беше организиран онлајн, а во кој учествуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На онлајн-средбата, како што соопштија од Владата, е констатирано дека позитивниот исход за одржување на првата меѓувладина конференција ќе биде поттик за побрзи домашни реформи, како и позитивен сигнал за регионот, со што ќе се потврди европската перспектива на Западен Балкан, како една од целите за проширување на ЕУ.
„Вложено е многу од двете страни и исто толку многу е остварено, што како земја нѐ прави подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда“,
рече Заев на средбата со Мишел.
Премиерот како приоритет го истакнал и понатамошното унапредување на агендата за реформи на ЕУ на инклузивен начин, со вклучување на опозицијата во парламентот и со активно учество на граѓанското општество и меѓународните партнери.
Исто така, било нагласено дека постигнатите важни резултати во зајакнувањето на независноста на судството, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и конечните пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, дополнително се подобрија и како такви се констатирани и во годишниот извештај на Европската комисија.
„Северна Македонија ќе ги засили своите напори и ќе донесе понатамошни опипливи и одржливи резултати во клучните реформски области, особено во владеењето на правото, вклучително и борбата против организираниот криминал и корупцијата“,
нагласил Заев.
На средбата се разговарало и за добрососедските односи и за регионот.
Заев истакнал дека Владата е посветена на спроведување на обврските од договорите со Грција и Бугарија и дека сите преостанати прашања ќе се затворат низ билатерални средби и во пријателска атмосфера.
На средбата со Мишел е потенцирано и значењето на економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, вреден 9 милијарди евра, за поголеми инвестиции за зајакнување на инфраструктурната поврзаност, особено во областа на транспортот и енергијата, зелената и дигиталната агенда, како и за зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, како клучни области за регионалните економии.
Како што соопштија од Владата, Мишел потсетил дека еден од неговите приоритети кога го презеде мандатот беше интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Во таа насока, претседателот на Европскиот совет високо ја оценил посветеноста на Владата и на граѓаните во остварувањето европските стандарди во сите области, вклучувајќи го и усогласувањето на националните надворешни политики со оние на ЕУ.
„Тоа е многу важно за да заврши побргу процесот на затворање на поглавјата, кој ќе почне со првата меѓувладина конференција во декември, за време на претседавањето на Германија“,
заклучил Мишел.
Претходно, Заев, Османи и Димитров имаа онлајн-состанок со високиот претставник за надворешна политика и за безбедност, и потпретседател на ЕК, Жосеп Борел, а за денеска се најавени состаноци и со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји.
Заев му се заблагодарил на Борел за личниот придонес за пристапниот пат на Северна Македонија во ЕУ, при што ја издвоил мартовската одлука на Советот на ЕУ да почнат преговорите за членство, со што, како што се посочува, е означена нова ера во меѓусебните односи.
Заев изразил надеж дека оваа поддршка ќе се формализира и со усвојување на рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ ќе испрати позитивен сигнал и до регионот и ќе ја потврди европската перспектива на Западен Балкан како геостратешки интерес на Европската Унија“,
потенцирал Заев.
Цврстата заедничка поврзаност на ЕУ со Северна Македонија, оценил премиерот Заев, се потврди и во поддршката на земјата во заедничкиот одговор за справување со последиците од ковид-19.
Борел, пак, истакнал дека за Брисел е исклучително значајно што продолжува интензивната соработка со влада која е докажано посветена на интегративниот процес на Северна Македонија во ЕУ и дека очекува колку што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција.