Офицерскиот дом во Битола ќе биде ставен во функција во 2021 година, најави премиерот Зоран Заев при посетата на градот под Пелистер.

„Се грижиме за драгоценото македонско културно наследство, кое им го оставаме на идните генерации. Офицерскиот дом во Битола блеснува во стариот свој сјај. Со реконструкцијата, Офицерскиот дом доби нов лик, со целосно задржани културно-историски специфики. Овој објект е од големо значење за битолчани и неговото постоење е совршен спој на минатото и сегашноста, на културата, традицијата и историјата. Започнат во времето на Отоманската империја и изграден за време на српското владение на овие простори во 1919 година. Офицерскиот дом кој се користел за балови, а има најсоодветна акустична сала за концерти ќе биде ставен во функција во 2021 година“,
порача Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот заедно со министерката за култура, Ирена Стефоска извршија обиколка и се информираа за динамиката на реконструкцијата на Офицерскиот дом. Биле информирани дека ентериерното уредување е во завршна фаза и дека во предлог-буџетот, кој треба да биде усвоен од Советот на Општина Битола, локалната самоуправа предвидува средства и за завршување на партерното уредување околу Офицерскиот дом.
„На одржаната презентација беа конкретизирани одредени намени на објектот и неговата околина, во однос на функционалноста и одржливоста, кои понатаму се доработуваат и преку проектната документација ќе бидат доставени до Светска банка и делегацијата на ЕУ“, .
се наведува во соопштението на Владата.
Проектот за реконструкција на Офицерскиот дом доби средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија, администриран од Светска банка.
