Во Иловица нема да има рудник, им порача денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев на жителите на ова населено место за време на денешната посета на Струмичкиот регион.
„Кога во 2016 на парламентарните избори и во 2017 на локалните ја баравме вашата поддршка, дадовме збор дека рудници овде нема да има. Денеска стојам пред вас и со гордост можам да ве погледнам затоа што зборот го одржавме. Струмичката котлина, нашиот Огражден ги спасивме од рудникот на смртта. Тешка беше таа борба, ја водевме со години, но верувавме дека ќе успееме и успеавме. Денес, вие граѓаните од Иловица, но и целиот овој крај можете да бидете горди што не дозволивте да се отвори рудник и што заеднички успеавме да ја зачуваме животната средина и оваа наша плодна земја, оваа наша прекрасна природа“,
порача Заев.
Тој ја обвини поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ дека донела сериозен проблем со концесиите за рудници, а тоа продолжува со ветувањата на сегашното раководство на оваа партија.
Проблемот со Иловица однова се актвира кога во март Управниот суд одлучувајќи по одлуката на второстепената државна комисија која ја одби жалбата на компанијата концесионер „Еуромакс ресорсис“ на владината одлука од лани за раскинување на договорот за рудникот, предметот го врати на повторно одлучување поради процесни неправилности, додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек.
Владата најави жалба на оваа одлука, а жителите на Иловица започнаа протести.
