Африм Исмаиловиќ, еден од осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро е уапсен вчера во една од приштинските населби, откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа
Премиерот Зоран Заев вели дека очекува Косово да го екстрадира Африм Исмаиловиќ, кој се бара со меѓународна потерница, а кој со првостепена пресуда е осуден на доживотен затвор во случајот „Монструм“.
„Ние од поодамна имаме побарано екстрадиција и очекувам од новите косовските власти да ги потврдат меѓународните договори на кои и Косово и С Македонија се имаат обврзано, а тоа ќе ја зајакне и соработката меѓу двете земји. Секако, никој не е виновен додека со правосилна одлука тоа не се потврди, но верувам дека во овој случај тоа е потврдено со судска одлука. Очекувам властите на пријателско Косово, да го почитуваат правото и меѓународните договори, и да го екстрадираат лицето“,
изјави Заев.
Африм Исмаиловиќ, еден од осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро е уапсен вчера во една од приштинските населби, откако бил идентификуван од полицијата поради учество во сообраќајна несреќа.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, адвокатот на Исмаиловиќ, Бесник Бериша изјави дека, по проверката на кривичната историја на неговиот клиент, е утврдено дека за него има меѓународна потерница и дека надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор.
„Апсењето се случи вчера во попладневните часови. Беше случајно, како последица на сообраќајна несреќа. Откако беше повикан во полициска станица за интервју, според процедурите, полициските службеници проверија дали истиот се бара за некое друго кривично дело и им се појавила потерница од 2012/2013 година издадена од Северна Македонија“,
изјави вчера Бериша.
Како што пренесоа дел од медиумите вчера, Исмаиловиќ во моментов чекал да завршат процедурите во однос на неговото барање за азил во Косово.
Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Алил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд во Скопје на доживотен затвор по обвинението дека на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство. Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15 односно девет години затвор. Сами Љута, доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази.
Покрај Африм Исмаиловиќ, во бегство со него е и Алил Демири.
Судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година, кој се водеше Основниот кривичен суд во Скопје, беше втор по ред, откако пресудата од првото судење беше укината од Врховниот суд, а предметот беше вратен на повторно судење.
