Донесовме исправни одлуки со кои ги остваривме стратешките цели, го сплотивме народот, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на граѓанската трибина во Струга со коалицијата „Можеме“.
„Со сите одлуки демонстриравме храброст и одлучност, не калкулиравме со рејтинг, затоа сме различни. Ако беше борба за власт, ќе калкулиравме. Имаме држава со имотен лист, признаена во целиот свет. Имаме лична карта во ОН во која пишува Македонци и граѓани на Северна Македонија, со јазик – македонски јазик. Денеска имаме земја за која се бореле и вашите и моите предци и во Илинденското востание и во НОБ, да имаме татковина признаена во целиот свет. Исполнета е мисијата, целта, аманетот од нашите предци и родители да имаме земја која е целосна заштитена, и од нас самите и од НАТО“,
рече Заев.
Покрај остварувањето на државните интереси и стратешки цели, Зеав укажа и на воспоставените пријателски односи со сите држави во светот, придобивка од мудрите одлуки носени изминатите три години. Додаде дека кога ќе се види постигнатото за последните три години и претходната деценија, воопшто и не е тежок изборот, нема дилема која е вистинската насока каде треба да се движи државата.
„Изборите не се тешки, јасна е одлуката. Зарем треба споредба на она што беше и она направеното изминатите 2,5 години. Од една страна Шекеринска, жената која ја венсе државата во НАТО, а од другата страна Дурловски кој доколку биде пратеник во Собранието ќе се врати на местото на злосторството…Одлуката е лесна и јасна како бел ден“,
рече Заев.
Пред стружани се обрати и Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ и носител на пратеничката листа на „Можеме“ во 5 Изборна единица, истакнувајќи дека лесно е да се зборува пред граѓаните со чист образ, кога ќе се презентира сметката пред граѓаните со ветеното и оствареното.
„Нема веќе режим, нема веќе страв, се е променето во државата. За две и пол години успеавме да станеме членка на НАТО. Истуркавме тешки и мачните одлуки. 2020 година беше тешка, но и историска година. Во иста година станавме членка на НАТО, преговорите со ЕУ ќе почнат тогаш кога сите и дома и во Брисел ќе бидат сигурни дека на 15 јули сме ја донеле вистинската одлука. Кога ќе бидат сигурни дека како држава можеме и повеќе и подобро. За да покажеме дека како држава сме ги научиле лекциите, дека знаеме како да помогнеме во економијата, дека знаеме како да истераме брзи и ефикасни преговори со ЕУ и после четири години да покажеме дека и Европа е тука и дома“,
рече Шекеринска.