
Премиерот Зоран Заев најавува дека во координација со Венецијанската комисија ќе се ревидира Законот за јазиците, откако вчера Комисијата укажа дека со него се наметнуваат нереални правни обврски за институциите, особено осврнувајќи се на примената на албанскиот јазик во судска постапкa. Насоките за делот на правосудството се прецизни, а мислењата на Комисијата се добар репер, смета Заев, кој најави измени на Законот во делот на судството.
„Јазиците се за да се разбереме. Ние донесовме законско решение, но уште кога дебатиравме во Парламент и со неговото донесување, рековме ќе ја чекаме Венецијанската комисија и ќе ја испочитуваме, затоа намерата е да ја испочитуваме. Министерството за правда ќе ги подготви измените, уште еднаш ќе ги испратиме, за да каже (Венецијанската комисија) дали е тоа-тоа, за да може навистина соработката да ја потврдиме и ќе го пуштиме во Парламентот за да го констатира. Никој не сака да изгуби предмет на суд или да биде неправично осуден или самата пресуда да не стигне, да не се утврди криминал, заради тоа што одредено друго право било надминато повеќе од црвените линии, па правото на правда било нарушено. Тоа не смееме да го дозволиме“, вели Заев.
Измени ќе има и во делот на казните, предвидени за непочитување на Законот за јазиците.
„Гледате има осврт и на казните. Ние не можеме да претераме со казните, кога институциите за самата контрола не се воспоставени“, кажа Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со политичките пазарења, власта стигнала и до меѓународни критики.
„Уште веднаш треба да се повлече законот од функција и да се направи нов каде ќе учествуваат сите етнички заедници во Република Македонија и ќе се направи закон по мерка и согласно застапеноста на сите, без одредени етникуми да бидат фаворизирани на штета на сите останати“, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Венецијанската комисија дава неколку препораки до властите во Северна Македонија, особено за напуштање на одредбите за двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската за употреба на албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу административните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.
Што се однесува до спроведувањето на паричните санкции, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека треба да се одложат се додека не се измени законот за да се обезбеди доволно правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност.
Целиот текст на мислењето на Комисијата ќе биде објавено на 9 декември.
„360 степени“ уште во ноември 2017 година ја отвори дилемата за применливоста на одредбите за судството од новиот закон за јазиците.