На митингот во Штип, лидерот на СДСМ зборуваше и за проектите на опозицијата. Тие, според него се „истресени од ракав“ и немаат врска со реалноста
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на митинг од Штип вечерва ветуваше дела доаѓа време на покрупни проекти за општините, а Владата, според него, изминатите четири години покажала дека има слух за локалните самоуправи.
Тој забележа и дека општините наследиле долгови, а централната власт помогнала со нивно раздолжување со 50 милиони евра, дополнително обезбедени беа и 500 милиони евра за реализација на проекти за сите општини.

„Сето ова почитувани граѓани отвори простор многу пофокусирано да се посветиме на решенијата и на предизвиците на локално ниво. Цврсто сме посветени на силен развој и ве уверувам доаѓа време на уште покрупни капитални проекти во општините, бидејќи сета енергија ја насочуваме во следните четири години кон забрзан локален економски развој, за европски живот за сите, дома, во вашиот сокак, во вашето маало, во вашата општина“,
вели Заев.
Проектите кои ги ветува опозицијата, пак, според него се „истресени од ракав“ и немаат врска со реалноста.
„Последните денови се изнаслушавме измислици од опозицијата, без конкретни планови, без реални пресметки и буџетски проекции, истурааат како од ракав, народски речено проекти коишто немаат врска со реалноста. Таквиот несериозен однос е навреда за граѓаните, кои веќе добро знаат да препознаат што може, а што не може да се оствари. Ние даваме збор што планираме, тоа и го одржуваме. Го зајакнавме темпото одговорно и домаќински ќе работиме секој ден на најдоброто, за после четири години во 2025 година да можеме сите да речеме еве ова е мојата општина е најдоброто,
вели Заев.

Барајќи ја довербата за актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Сашко Николов, и за советничката листа предводена од Александар Мишев, Заев пред штипјани како дел од клучни проекти за нивниот град ги најави обновата на главната водоводна дистрибутивна мрежа, гасификацијата и обиколница „Запад“. Тој рече дека во тек е реализацијата на деценискиот сон – брана на реката Отиња, а потсети и на регионалните патишта односно дека во тек на реализација на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Штип – Кочани.