Според владејачката партија, претходната влада го користела владиниот авион и по 25 од 30 дена во некои месеци, што пак довело до тоа последниот сервис да чини околу еден милион евра
Опозициската СДСМ во текот на денот обвини дека се платени 20 000 евра за авиобилети до Вашингтон само за Мицкоски и за министрите, односно по околу 4 000 евра за човек, бидејќи патувале со бизнис-класа
Претходната влада го користела владиниот авион за летови до блиски дестинации, како за до Ниш, тврди ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија велат и дека имало месеци кога од 30 дена, функционерите на ДУИ и на СДСМ го користеле владиниот авион 25 дена.

„Ваквата искористеност на владиниот авион сега допринесе за сервис кој чини 1 милион евра кои ќе биде платен од буџетот на граѓаните. Воедно да не се заборави дека Заев на настани во Македонија одеше со државен хеликоптер“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот став од владејачката партија следи по обвинувањата од страна на СДСМ, дека премиерот и министрите се возеле во бизнис-класа на патувањето до Вашингтон, на Самитот на НАТО. Само за нив биле издвоени 20 000 евра, тврди опозицијата.
Во контра-одговорот на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека ваквите обвинувања се лажни, но и дека вистинските трошоци биле далеку помали од оние направени во време на СДСМ. Точна сума, од владејачката партија, не соопштија.
„Во периодот кога тие беа на власт, Македонија беше сведок на невидена економска стагнација, масовно иселување на младите и континуирани скандали.
Што се однесува до трошоците за кои СДС зборува, тие се далеку помали од оние кои беа направени во нивното време на власт. Не само што нивните трошоци беа целосно непродуктивни.
Нема да дозволиме криминалците преку лажни обвинувања да го сведат ВМРО-ДПМНЕ на нивно ниво“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ веќе ги повика Јавното обвинителство и ДКСК да отворат предмет за случајот. Антикорупциска веќе има отворено предмет во кој ги бара сите трошоци за патувањето до Вашингтон, но тој е поврзан пред се трошоците за патувањето на синот на Христијан Мицкоски, кој го придржуваше татко си на дел од посетата на САД.