Лидерот на СДСМ сугерирал законското решение, наместо на денешната, да се разгледува на следната владина седница, а за предлозите на независните пратеници вели дека дел се прифатливи, а дел тешко прифатливи
Сè уште нема двотретинско мнозинство за донесување на законот за јавното обвинителство, ама се прават напори да се обезбедат потребните 80 гласа, информира денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој рече и дека нема да дозволи пратениците од СДСМ да го стиснат копчето за распуштање на парламентот пред да бидат донесени клучните закони, меѓу кои и оној за јавното обвинителство.
Иако најавува можно пролонгирање на датумот за распуштање на парламентот, Заев уверува дека тоа нема да значи и одложување на изборите, планирани за 12 април. Притоа, тој посочи дека роковите на ДИК за спроведување на изборните дејствија не се поврзани со датумот кога ќе се распушти парламентот, туку со датумот кога ќе бидат распишани изборите.
Останува неизвесно како владејачкото мнозинство планира да го обезбеди двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што Заев денеска изјави дека на секој во државата му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не сака законско решение за јавно обвинителство. Освен тоа, Заев нагласи дека се неприфатливи дел од сугестиите што ги дале независните пратеници.
„ВМРО-ДПМНЕ можеше да понуди закон за ЈО преку експерти пред две години, пред шест или пред три месеци. Далеку од сериозен е предлогот на Христијан Мицкоски, според кој, законот веројатно би се донел до ноември годинава. Граѓаните ја препознаваат ваквата несериозност“,
рече Заев.
Рече дека сериозни сугестии во однос на законот дале дел од опозициските албански партии и повеќето од нив се прифатливи. Прифатливи се, како што нагласи, и некои од мислењата на независната пратеничка група, но дел се, како што рече, тешко прифатливи. За законот ќе биде консултирана и европската делегација во Скопје.
„Предлози за законот за ЈО доставија сите што учествуваат во работните групи. Амандманите што се разгледуваат и оние од независната пратеничка група, верувам, ќе бидат обелоденети. Направија состојба да ја стават Владата во сериозно размислување за да види што е она што може да го прифати, а да не се поминат црвените линии на ЕУ, поради европската регулатива која сакаме да ја преточиме во законот“,
истакна Заев.
Тој напомена дека земјава е неколку дена пред распуштање на парламентот и дека денеска на владина седница требаше да се усвои законско решение, за да има доволно време да поминат процедурите и во Собранието. Тој информира и дека денеска сугерирал законот за ЈО да се помести како точка на дневниот ред на владината седница в четврток само за да се дочекаат и да се затворат предлозите.
„Конечното решение, со сите сугестии, нема да биде лесно да се усогласи. Но ќе седнеме и ќе работиме до ниедно време за да донесеме правично решение. Во разговорите со независните пратенички групи има сериозни предлози, ја сфаќам нивната суштина. Тоа е и една од причините за одложување на точката од владината седница, за внимателно да ги разгледаме, но верувам дека и ВМРО-ДПМНЕ може да достави вакви предлози“,
изјави Заев.
Според него, нема логика допрва да се формира работна група од експерти кои би работеле на законско решение. Законот за ЈО, како што вели, може да биде изгласан со консензус или воопшто да не помине. „Наша должност е да го ставиме на гласање и да испратиме сериозна порака до Европската комисија“, изјави Заев.