Косовскиот премиер Албин Курти на прашањето дали неговиот став за „Отворен Балкан“ може да влијае на билатералните односи на Косово со другите земји, меѓу кои и со Северна Македонија, порача дека денешната заедничка владина седница и постигнатите договори се доказ оти неговата земја не е против соработката
Северна Македонија и Косово денеска потпишаа вкупно 11 договори и меморандуми меѓу кои спаѓаат и: договор за спојување на двата автопати на граничниот премин Блаце-Јанковиќ; договор за физибилити-студија за патот Призрен-Тетово; договор за воспоставување заеднички гранични премини; договор за заеднички скијачки проект, кој ќе ги поврзува Брезовица и Попова Шапка итн.
Премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти рече дека двајцата имаат различни ставови за „Отворен Балкан“, за кој косовските власти рекоа дека не сакаат да бидат дел. Меѓутоа, тоа според Заев не е пречка за одлична соработка помеѓу двете држави.
„По прашањето за ‘Отворен Балкан’ еве како премиери имаме различен став, ама тоа не ни е пречка да одлично соработуваме затоа што должност ни е да им служиме на нашите граѓаните, на економијата, на коморите, на институциите и тоа токму го правиме. За мене е историски денот денеска, на оваа прва меѓувладина конференција на 30 години независност на Република Северна Македонија и 13 години независност на Косово. Јас само ќе кажам дека Косово е суверена и независна држава, ги гради своите ставови, ние ги почитуваме тие ставови“,
рече Заев.
Сепак, тој нагласи дека верува оти на Балканот треба да има дијалог и да се постигнуваат договори зошто на тој начин повеќе ќе се европеизираме и ќе ја унапредиме регионалната соработка, а со тоа ќе се засили и патот кон ЕУ.
„Целиот Западен Балкан, сите 6 земји немаат друга алтернатива освен членството во ЕУ. Секое билатерално, мултилатерално договарање овде во регионот е апсолутно заради побрза, поефикасна иднина во ЕУ на сите наши земји. Балканот веќе не е буре барут, Балканот не е темпирана бомба. Балканот е Балкан на 21 век, ние денес и билатерално тоа го потврдивме со Република Косово, сите наши министри, ние како премиери. Јас сум уверен дека во иднина дијалогот, дипломатијата, добрата мисла, пријателството, подадената рака се иднината на европскиот дел на Балканот, а Балканот е Европа и нашето место е заслужено да биде таму, како членки на ЕУ“,
рече Заев додавајќи дека Северна Македонија покажала храбри чекори токму за да ги исполни своите стратегиските цели – членството во ЕУ, додека втората – членство во НАТО е постигната.
Ако регионот соработка, нагласи премиерот, тогаш ќе има и поголема почит и од Западна и од Северна Европа.
Косовскиот премиер Албин Курти, пак, на прашањето дали неговиот став за „Отворен Балкан“ може да влијае на билатералните односи на Косово со другите земји, меѓу кои и со Северна Македонија, порача дека денешната заедничка владина седница и постигнатите договори се доказ оти неговата земја не е против соработката.
„Сакаме што повеќе соработка и остварување на договорите на билатерално ниво помеѓу Република Косово и Република Северна Македонија, а денешната средба помеѓу двете влади е доказ за ова. Ние сме ориентирани кон иднината, а за нас иднината е ЕУ. Значи, ЕУ е нашата среќа, додека Европа е нашиот континент. Затоа ние ќе ги поттикнеме сите регионални соработки кои за цел ја имаат ЕУ“,
рече Курти.
Владите на Северна Македонија и Косово денеска ја одржаа првата заедничка владина седница за која премиерите порачаа дека тоа е јасен израз за желбата за зајакнување на билатералните односи и соработката во сите области кои се од заемен интерес.
Двете страни денеска потпишаа вкупно 11 договори и меморандуми меѓу кои спаѓаат и: договор за спојување на двата автопати во граничниот премин Блаце-Јанковиќ; договор за физибилити-студија за патот Призрен-Тетово; договор за воспоставување заеднички гранични премини; договор за заеднички скијачки проект кој ќе ја поврзува Брезовица со Попова Шапка итн.