Премиерот Зоран Заев ги повика директорите на сите институции, кои треба да ги примат прераспределните административци по Рамковен договор, да го сторат тоа без отпор. Според Заев, администрацијата има потреба од нивните работни места и со овој потег, вели, се решава проблемот со вработените во јавниот сектор кои со години земаа плата , а не одеа на работа.
„Испраќам, пред сѐ, порака до Државниот инспекторат, кој е многу гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведливи самите одлуки, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба на никој, затоа што ова е нешто кое народот го очекува од кај нас, да нема вработен во јавната администрација кој зема плата, а не оди на работа“,
изјави Заев.
Заев кажа и дека околу 750 лица од вработените по рамковен договор, веќе распоредени по институции, а околу 350 остануваат за дораспоредување. Дел од нив се уште не биле прераспределни поради правни формалности, постапка за засновање работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција на друга.
„Верувам дека можеби денови, можеби некој месец дена или 15-20 дена се во прашање да се дозаврши целата постапка која е отворена тема повеќе од седум осум години во државата“,
додаде Заев.
Досега неколку институции реагираа дека наложените вработувања кои им ги испорача Министерството за политички систем, како дел од прераспределбите на вработените по Рамковен договор, не одговараат со потребите и систематизацијата. Најостри реакции имаше од страна на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој изјави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 лица, бидејќи дел од нив не соодветствуваат на барањата и сакале да работат само во одделни градови.