Не бе брат, никој веќе нема да ја условува татковината. Граѓаните одлучуваат кој ќе биде пратеник, кој премиер, кој претседател, му се обрати лидерот на СДСМ на Али Ахмети од ДУИ, на граѓанска трибина во Гази Баба
И на премиерот, како и на претседателот му се доволни два мандати, за да не забега како што видовме дека забега Никола Груевски, изјави вечерва на граѓанска трибина во скопска Гази Баба лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој претендира на уште еден премиерски мандат.
Тој повторно побара уште еден, како што вели, чист мандат од граѓаните, посочувајќи дека неговата политичка опција е сега поискусна, по две и пол години практикување на власта.
„Знам дека не бевме сјајни, знам дека не им завршивме работа на сите, ама направивме многу за државата и учевме од грешките. За нашите политички опоненти сме небо. Затоа барам нов чист мандат од граѓаните, за со искуството од овие 2,5 години да направиме уште повеќе“,
рече Заев.

Тој исто така изрази убеденост дека поранешниот премиер Груевски ќе се врати од Унгарија, за да ја отслужи затворската казна за случајот „Тенк“, но и можните затворски казни за другите случаи што се водат против него.
„Груевски, надвор од секое меѓународно право за азил е заштитен во Унгарија. Тој тука беше слободен човек, одеше на рочишта, џогираше крај Вардар, судењата против него беа транспарентни. Затоа јас верувам дека тој ќе се врати во земјава – и во “Шутка’ и во ‘Идризово’ за да ја отслужи казната за случајот за кој е осуден, но и за да одговара за другите случаи против него.Не може вечно да биде заштитен со кршење на меѓународното право во земја која е членка на НАТО и на ЕУ“,
рече Заев, одговарајќи на прашање на еден од присутните на трибината.
Тој посочи дека Северна Македонија е мала држава и дека нема потреба од поделби по етничка или по која било друга линија.
„Во земјава останавме околи 1,7 милион луѓе. Тоа е колку што има во фабриката на „кока – кола“. Затоа апсурдно е да се делиме по која било основа, туку треба заеднички да работиме за просперитет на државата и за подобра иднина на нашите деца“,
рече Заев во Гази Баба.
Заев зборуваше и за кампањата на досегашните коалициски партнери од ДУИ.
„Виде Али Ахмети дека ќе губи и опа Албанец – премиер. Ти ќе му кажуваш на Заев за Албанец- премиер. Не бе брат, никој веќе нема да ја условува татковината. Граѓаните одлучуваат кој ќе биде пратеник, кој премиер, кој претседател. Ние покажавме дека не ни е проблем да биде кој било премиер ако е чесен и способен“,
рече Заев.