Откако е постигната начелна согласност околу програмските цели на владината коалиција во која би влегла Алтернатива, сега се разговара за кадрите кои би биле предложени за министри, заменици-министри и други раководни позиции во централната власта. Наредните денови ќе продолжат консултациите во партиите, а потоа ќе има нова средба на Заев и Гаши
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, на денешната средба начелно се договориме околу програмата на Владата во која евентуално би влегла и оваа политичка партија, а сега се разговара за можните кадровски решенија односно министерските и другите позиции кои би ги заземал евентуалниот нов владин партнер.
„На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата. Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза“,
соопштија од Владата.
Разговорите кои сега се започнати околу кадровските решенија, објаснуваат од владината прес-служба, се за соодветните позиции како министри, заменици-министри и други раководни места во централната власт.
„Во деновите што следат, ќе продолжат консултации во партиите, по што ќе следи и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернатива, Гаши со нивните тимови“,
најавуваат од Владата.
Средбата започна околу 14 часот и траеше околу четири часа. На неа Заев дојде во друштво на заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, кој отворени најави дека планира да се кандидира за нов лидер на СДСМ, додека Гаши беше придружуван од генералниот секретар на Алтернатива, Беким Сали.
По завршувањето на средбата, тие не дадоа изјави за медиумите, а пред почетокот Гаши рече дека определба на Алтернатива е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза, но и да ѝ се помогне на државата да не ја изгуби историската шанса да почне преговори за членство во ЕУ. На прашање, пак, колку министерки места очекува неговата партија, тој рече дека тоа никогаш не било од суштинско значење туку дека најважно е да се разговара за политичките критериуми и концепти.
Според неговата изјава пред средбата, тој нема ништо и против тоа нов премиер да биде Димитар Ковачевски, кој изминатиот период се споменува како најсериозен кандидат за наследник на Заев.
„Ние преговараме со СДСМ и со другите партнери и многу ни е битно да се договориме концептуално како ќе продолжиме понатаму. Какви одлуки ќе донесат СДСМ и другите партии мислам дека е неодговорно и несовесно ние да поставуваме такво прашање. Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Мислам дека таа работа е на СДСМ, таа е најголема партија и тие треба да одлучат кој е нивен претседател или мандатар“,
рече Гаши.