Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека има сериозна забелешка од амбасадор на една соседна држава за најавата за впишување на националноста во личните карти, без да прецизира за кого се работи
Нема никакво предупредување од ниту еден амбасадор, одговори денеска премиерот Зоран Заев во врска со вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека има сериозна забелешка од амбасадор на една соседна држава за најавата за впишување на националноста во личните карти.
„Немам јас такво предупредување ниту каков било разговор за каков и да било аларм или предупредување дека некој би реагирал. Беса имаа средба со амбасадорот на Грција. Ние сме го провериле тоа по дипломатски патишта уште во 2019 година, кога се гласа уставните промени. Нема предупредување дека е спорно, идентитетската определба на сите кои живеат во држава е нивно право“,
изјави денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Има сериозна забелешка од амбасадор на наша соседна држава околу предлогот за запишување на националноста во личните карти, рече вчера Мицкоски, без притоа да прецизира за која соседна држава се работи и го повика премиерот Зоран Заев да го достави предлог-законот за тоа до Собранието со европско знаменце.
Портпаролот на грчкото МНР вчера рече дека не сака да ги коментира изјавите што доаѓаат од опозицијата во Северна Македонија и само потсети дека се за доследно спроведување на Преспанскиот договор.