Според информации на „360 степени“, Ахмети, исто како и премиерот, настапил со оптимизам дека Владата нема да падне, односно дека, како што се пренесува, „мнозинството е кај прогресивните сили во парламентот“. Можно е пратениците од мнозинството воопшто да не присуствуваат на седницата, така што, наводно, уште од почеток ќе се види дека опозицијата нема ни кворум од 61 пратеник за усвојување на дневниот ред
Премиерот Зоран Заев ги собрал доцна попладнево во Владата коалициските партнери, според информации на „360 степени’.
На состанокот присуствувале претставници на сите партии кои учествуваат во парламентарното мнозинство, со исклучок на Беса, која првично ја поддржа иницијативата за изгласување недоверба на Владата.
Според нашите информации, на средбата присуствувал и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој , исто како и Заев, како што се наведува, настапил со оптимизам дека Владата нема да падне во Собранието, односно дека, како што се пренесува, „мнозинството е кај прогресивните сили во парламентот“.
Партнерите разговарале околу можноста пратениците од мнозинството воопшто да не присуствуваат на седницата, така што, наводно, уште од почеток ќе се види дека опозицијата нема ни кворум од 61 пратеник за усвојување на дневниот ред.
Соговорници од состанокот во Владата велат за „360 степени“ дека спикерот Талат Џафери најверојатно нема да го проблематизира денешното повлекување на потписите на Димитар Апасиев и на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од предлогот за изгласување недоверба на Владата – чекор кој следеше откако пратеник на Алтернатива се спротистави да биде потписник на иницијатива на која е потпишана и Левица.
Според информациите, Џафери, кој денеска одбиваше да излезе со став по однос на најновите случувања во парламентот, ја смета за валидна првичната иницијатива, на која имаше 61 потпис и врз основа на која ја закажа седницата што ќе почне утре претпладне. Со оглед на тоа што за поднесување ваква иницијатива се потребни потписи од најмалку 20 пратеници, толкувањата се дека со повлекувањето на дел од потписите не се менува ништо суштински во однос на одржувањето на седницата за интерпелацијата против Владата. Поточно, повлекувањето на потписите се смета само за маневар на ВМРО-ДПМНЕ за да ја одоброволи Алтернатива да учествува во иницијативата за уривање на Владата.
Седницата на која ќе се одлучува за (не)доверба на Владата ќе заврши истиот ден. Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата/партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет.
Доколку, пак, опозицијата не успее да ја урне Владата на СДСМ и на ДУИ, тогаш во наредните 90 дена нема да може да се поставува ново прашање за доверба на Владата, освен ако иницијатива за тоа поднесат најмалку 61 пратеник.