Лидерот на СДСМ рече дека жали што опозицијата не се израдувала и не излегла да го честита почетокот на преговорите со ЕУ
Во времето на владеење на СДСМ се исполнети двете стратегиски цели на државата – членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, истакна лидерот на владејачката партија и доскорешен премиер Зоран Заев. Во денешното гостување на „Утрински брифинг“, Заев рече дека постигнувањето на овие цели не одеше лесно, посочувајќи дека пратениците од овој собраниски состав беа изложени на големи притисоци.
„Ако беше лесно сите овие 29 години, сè ќе беше решено. Не беше лесно, имавме горчлив проблем кој мораше да го решиме со надминување на проблемот со Грција. Ги сочувавме македонскиот идентитет, македонскиот јазик и сега сме признаени од сите. Не беше лесно. Пратениците што гласаа беа изложени на силен притисок и затоа денеска треба да се радуваме на плодовите од тоа семе што го посадивме. Двете најголеми стратешки цели на државата, НАТО и ЕУ, ги исполни овој парламентарен состав, оваа влада и верувам дека тоа го заслуживме“,
изјави Заев.
Тој порача дека Европа конечно ја исправи својата историска грешка и големата неправда кон нас.
„Сега, едногласно, во време на тешка здравствена криза, канцеларии под изолации, премиери во изолации…, во такви околности министерскиот совет се собра и ја донесе одлуката. Јас верувам дека ќе биде верификувана и од Европскиот совет и дека наскоро ќе се одржи првата меѓувладина седница. Одлуката на Советот за општи работи на ЕУ за безусловно почнување на преговори доаѓа во тешка состојба. Но треба да се радуваме, зашто и радоста е лек. Обезбедивме извесност и иднина за нашата земја и за нашите деца носејќи тешки и храбри одлуки“,
порача Заев.
Тој рече дека жали што опозицијата не се израдувала и не излегла да го честита почетокот на преговорите со ЕУ.
„Ова е борба што ја воделе сите генерации граѓани, сите политичари, сите влади. Ова е процес што почна со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, па потоа продолжи кога добивме кандидатски статус во 2005 година и сега ја дочекавме одлуката за почеток на преговорите. Искрено, очекував и опозицијата да се израдува и да честита“,
рече Заев.