Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција порача дека тоа што Вилма Рускоска ќе го предводи новото обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, не е негов предлог, туку логичен тек на настаните.
„Јас само кажав кој во моментов го води тоа обвинителство и има мандат. Јас не ја предложив Вилма Рускоска за шеф. Знаете како, не ми се допаѓаше и мене Вилма Рускоска во едно време пред 5, 7, 9 години. Кој ме прашува мене за оваа работа или опозицијата или кој било. Обвинителите ги бира Советот на јавни обвинтиели, нека си конкурират таму сите“,
рече Заев.
Актуелната шефица на обвинителството за организиран криминал, обвинителката Вилма Русковска е избрана на таа позиција во ноември 2018 година од страна на Советот на јавни обвинители. Новиот закон предвидува кон тоа обвинителство да се припојат целокупниот кадар, опрема но и предмети и докази на СЈО. Усвојувањето на законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на СЈО се смета за клучен чекор пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за почеток на преговори со С. Македонија. Затоа, Заев уште еднаш ја повика опозицијата да придонесе да се затвори и ова прашање.
„Уште еднаш напоменувам, решението кое ВМРО-ДПМНЕ го бараше и на писмено го има барано на сите средби на работните групи беше да се откажеме во опстојувањето на самостојност на СЈО во следниот период. Да не биде посебно одделение, туку требало да го припоиме на веќе постоечкото одделение за организиран криминал и корупција. Го прифативме и го направивме тоа, така што јас верувам дека имаме решение и навистина треба сите, вака кога знаеме да правиме отстапки едни меѓу други, да ѝ учиниме на државата и ова прашање да го тргнеме од дневниот ред“,
вели Заев.
Предлог-законот вчера помина на владина седница и е испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка. За да се изгласа потребно е двотретинско мнозинство, но досега нема целосна поддршка од ниту една опозициска партија.
*поврзана вест: Трнлив е патот до двотретинско мнозинство за Законот за ЈО