Шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во земјава предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир, денеска, на редовниот годишен состанок со премиерот Зоран Заев, покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, информираат од Владата.
На состанокот, како што се вели во владиното соопштение, беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побрзо да продолжи и да заврши со старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Во соопштението се додава дека Заев истакнал оти членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива и затоа е важно да продолжи дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.
„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме“,
порача Заев.

За време на дебатата, претседателот на Владата Заев ја поздрави изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина, при што додаде дека е многу важен ставот на Португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи се првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.
Од Владата додаваат дека Заев ги споделил и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.

Заев изрази благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против ковид-19, и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.
„Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома“,
рече Заев.
