Македонските власти информирале и за состојбата со коронавирусот во земјава, наведувајќи дека состојбата е стабилна и двојно е намален бројот на хоспитализирани пациенти
Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за здравство, Венко Филипче, одржале онлајн-средба со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге и со претставници на СЗО во чиј фокус, како што соопштиле од Владата биле и вакцините.

„Во фокусот на разговорот беа информациите за актуелната состојба во Северна Македонија со заразени од коронавирусот, како и активностите во врска со обезбедувањето на вакцини и имунизацијата на населението против вирусот ковид-19. На средбата беа истакнати напорите на СЗО, нејзините партнери и нашата земја за динамизирање на постапката за обезбедување на вакцини преку КОВАКС програмата, при што беше истакнат аспектот на почитување на основните вредности кои притоа се покажуваат, а тоа е пријателство и солидарност на европските земји и земјите во регионот на Западен Балкан“,
соопштија од Владата, додавајќи дека Заев информирал за 8 000 вакцини кои ќе ги добиеме од Србија.
Македонските власти информирале и за состојбата со коронавирусот во земјава, наведувајќи дека состојбата е стабилна и двојно е намален бројот на хоспитализирани пациенти.
„За време на празниците, овде во Северна Македонија беа воведени димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем и поддршката од граѓаните, со целосно почитување на мерките доведе до тоа сега да имаме стагнација на ширење на вирусот“,
рекол Заев.
Заев се заблагодарил и на поддршката и соработката со СЗО, а претставниците на СЗО ја истакнале добрата соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
