Опасни и антинародни се обидите, тепањето и влечењето по подот пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите, да се прикажуваат како одбрана на Уставот, вели премиерот Заев
На тој 27 април 2017 година во секој момент очекувавме да го изгубиме животот и јас и пратениците и новинарите кои беа присутни, рече премиерот Зоран Заев запрашан за коментар за протестот што се случи во неделата за ослободување на осудените за упадот во Собранието.
Заев, потсетувајќи се на денешниот датум од пред четири години, рече дека тие два часа во Собранието му се чинеле како цела вечност. Според него, недозволиво е што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на правосилно осудени лица кои, како што рече, пред целата јавност се обиделе да убиваат.
„На ова прашање да почнам со одговор од моите лузни. Сите што бевме присутни во Собранието, секој момент очекувавме да го изгубиме животот… И сега да се организира собир за поддршка на осудени луѓе кои се обидоа јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собрание е или забеганост или соучесништво. Ништо друго“,
рече Заев на новинарско прашање по денешната посета на новоотворената фабрика „Гересхајмер“.
Додаде дека лично е мотивиран за такво нешто никогаш да не се повтори.
„Да продолжам да се борам. Да не се повтори никогаш повеќе ниту кај нас, ниту некаде во светот. Застрашувачки е да го видите лидерот на опозицијата, алтернативата на оваа власт, како ги поддржува луѓето што се правосилно осудени, а целата јавност виде дека се обидоа да убијат. Тоа е надвор од здравиот разум“,
рече Заев.
Подоцна преку фејсбук-статус Заев вели дека сите обиди да се бришат белезите низ кои е запаметен 27 април 2017 година како најмрачен ден во поновата македонска историја се залудни и се израз на апсурдната и бесмислена намера да се прикажат како патриотизам, дивеењата низ храмот на демократијата.
„Опасни и антинародни се обидите, тепањето и влечењето по подот пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите, да се прикажуваат како одбрана на Устав. Тој ден се обидоа да го погазат народот и да ја доведат државата на работ на граѓанска војна само за да ја одбранат политичката иднина на човекот, кој потоа, истите тие свои следбеници ги осуди и избега од правдата. Нема ништо да го избрише, ниту да го смени фактот дека на 27 април 2017 година, имаше организирана и со насилство спроведена монструозна акција од лидерите на тогашната владејачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без најмало чувство за одговорност и за последиците на нивните мрачни амбиции“,
пишува Заев.
Додава дека за да не се случи поголема трагедија, помогнале разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, како и храброста на поединци за безумието да заврши без трагични последици.
„Сите намери и мотиви се разобличени низ независна истрага и низ повеќе судски процеси, во исказите на сведоците и непосредните учесници во тие застрашувачки случувања во Собранието. Застапниците на слободата и демократијата сепак победија. Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, ја донесе одлуката за поинаква, граѓанска, демократска Северна Македонија. Демократското водство презеде дополнителни историски чекори да ја стави земјата во редот на слободните и напредни демократии, што се потврди со прифаќање Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО и безусловната препорака да ги отпочне преговорите со ЕУ“,
пишува Заев.
