„Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците“, рекол министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на средба со својот колега од ОАЕ во Абу Даби
Македонските граѓани кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во иднина нема да треба направат замена на возачките дозволи откако вчера министерствата за внатрешни работи на двете земји потпишале меморандум за меѓусебно признавање на овие документи.

Потпис на меморандумот, како што соопштија утрово од МВР, ставиле министерот Панче Тошковски и министерот за внатрешни работи на ОАЕ, шеик Саиф бин Зајед ал Нахјан.
„Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците“,
рекол Тошковски на средбата, информираат од МВР.
На неа, се додава во соопштението, Тошковски побарал да се разгледа можноста и за укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу двете земји.
Тошковски со делегација на МВР од неделата е во работна посета на Абу Даби, која, како што додаваат од Министерството, е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати од осамостојувањето на земјава.

Целта на посетата, како што се наведува е унапредување на билатералната соработка во борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.
Во таа насока, покрај за возачките дозволи, двајцата министри потпишале и меморандум за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот.
„Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвора голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти“,
потенцирал Тошковски на средбата со својот колега од ОАЕ.
За време на посетата, која треба да финишира утре, делегацијата на македонското МВР ги посетила Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запознала со нивната работа и иновативните решенија „кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството“.
