Според грчки дипломатски извори, како што јавува дописничката на МИА од Атина, Герапетритис на средбата со Муцунски истакнал дека успешниот тек на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, вклучително и на С Македонија, зависат од исполнувањето на обврските што произлегуваат од европското законодавство и меѓународното право, меѓу кои и посветеноста на меѓународните договори, како што е Договорот од Преспа и преку одржувањето на добрососедските односи
Во духот на добрата верба и почитувањето на обврските од меѓународното јавно право, заеднички ќе работиме да ги реализираме обврските коишто ги имаме, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со својот грчки колега Јоргос Герапетритис, а во контекст на спроведувањето на обврските од Договорот од Преспа.
Средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија се одржа на маргините на 79. сесија на Генералнотот собрание на Обединетите нации во Њујорк и е прва откако Муцунски ја презема министерската функција. Средбата со својот грчки колега ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна.
Рече дека со Герапетритис разговарале многу повеќе за она што може да ги обедини, отколку за она што може да ги раздели двете држави.
„Зборувавме за Коридорот 10, за енергетското поврзување, за стимулирањето на трговијата и деловната активност од двете страни за потребата од подобување на меѓусебните политички односи и за тоа како да го движиме процесот на европска интеграција напред. Како мала земја којашто не излегува на море, особено значење ставаме на меѓународното јавно право бидејќи тоа ни значи многу од повеќе гледни стратешки точки. Затоа сметам дека е добро што се видовме. Се договоривме понатаму да имаме активна комуникација по однос и на предизвиците кои секако ќе се појавуваат помеѓу двете држави“,
изјави министерот Муцунски по средбата.
Очекувањата, како што додава министерот, се дека со денешната средба ќе се отвори нов лист во односите меѓу двете влади, а првите чекори кои треба да се преземат и за кои се разговарало, како што кажа, се засилена динамика на средби, не само помеѓу министрите за надворешни работи, туку и од другите ресори кои имаат заеднички теми на интерес, а во интерес на двете држави.
Муцунски го поканил грчкиот министер за надворешни работи во посета на С Македонија. Засега, како што открива, нема најава за средби на претседателско или на премиерско ниво.
Според грчки дипломатски извори, како што јавува дописничката на МИА од Атина, Герапетритис на средбата со Муцунски истакнал дека успешниот тек на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и на С Македонија, зависат од исполнувањето на обврските што произлегуваат од европското законодавство и меѓународното право, меѓу кои и посветеноста на меѓународните договори, како што е Договорот од Преспа и преку одржувањето на добрососедските односи.