Комисијата за заразни болести реши повторно да препорача до Министерството за здравство и до министерот да се побара задолжително носење на маските во здравствените установи за да се спречи ширење на ковид-19, но не препорачува изолација и издавање решенија за забрана за движење
Задолжително носење маски во здравствените установи за да се спречи ширење на ковид-19 е препораката која Комисијата за заразни болести ќе му ја даде на Министерството за здравство. Препораката, која Комисијата за заразни болести ја усвои на денешната седница, се однесува само за носење на маска во здравствените установи, а не и за во аптеките или домови за стари лица.
Целта на оваа препорака, како што вели претседателот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, е да се намали можноста од пренесување на заразата во здравствените институции каде што има ранливи групи, кои можат да бидат подложни на тешка компликација како резултат на зараза со вирусот.
„Комисијата за заразни болести реши повторно да препорача до Министерството за здравство и до министерот да се побара задолжително носење на маските во здравствените установи“,
вели Мехмедовиќ.
Комисијата за заразни болести сè уште нема дефинитивен резултат дали станува збор за варијантата наречен ерис. Од Институтот за јавно здравје добиле информација дека подолго време трае процедурата за собирање на материјалот бидејќи, има само мал број, 112 заболени со ковид-19.
„Потребно е да се соберат релевантни количини на примероци, не само од регионот на Скопје туку и од останатите региони. Се надеваме дека брзо ќе се соберат, затоа што како што кажав мала е бројката на сите оние кои се позитивно тестирани. Очекуваме да добиеме детална информација за тоа колкав е бројот“,
рече Мехмедовиќ.
Според него, во Србија е потврден ерис, меѓутоа таму, како што рече, има значителен број случаи кои даваат поголема количина на инфективен материјал и може да се детектира во помали трагови..
„Кај нас, поради тоа што имаме мал број на случаи, еве споредено, во однос на август 2022 година кога имавме 12 300 случаи сега имаме само 112. Не може толку лесно да се собере инфективниот материјал којшто треба да се одработи“,
потенцираше докторот.
Во моментот има седум болнички лекувани, претежно пациенти коишто се во поодмината возраст и кои имаат придружни болести.
„Некои од пациентите се на кислородна поддршка што значи дека кај некои од нив може да се јави тешка форма на болеста. Апелираме, препораките се особено за повозрасните граѓани и оние коишто имаат придружно и хронични болести, да се вакцинираат. Да го зајакнат својот имунитет, на располагање се 50 илјади вакцини коишто се од Министерството за здравство и само на тој начин навистина можат да бидат подготвени за наредниот период кога очекуваме раст на бројките. Не очекуваме да има драстичен раст како што имаше во текот на изминатите години, но меѓутоа во период кога ќе растат бројките само преку вакцинација ќе може да си го заштитат својот имунитет“,
додаде Мехмедовиќ.
Во однос на симптомите, Мехмедовиќ рече дека според искуствата од другите земји, како на пример во Америка, покажуваат дека поретко се јавуваат дијареја и повраќање и нема губење на сетилото за мирис и за вкус.
„Најчесто симптомите се поврзани со течење на носот, болки во грлото, покачена телесна температура и омалаксаност, многу наликува на секоја друга настинка. Многу ретко се заразуваат долните дишни патишта, останува како горнореспираторна зараза, така да нема голема разлика од останатите варијанти“,
вели Мехмедовиќ.
Комисијата за заразни болести смета дека за заразените нема да има потреба од изолација.
„Не препорачуваме изолација, не препорачуваме да се издаваат решенија за забрана за движење. Напротив ова ќе го третираме буквално како секоја друга болест којашто е ендемска како што е грипот. Препораките се доколку немате изразена симптоматологија и не ви е потребно боледување, ќе носите маска и со маска ќе може да се движите слободно дури и да бидете на работа“,
истакна Мехмедовиќ.
На состанокот е разгледана целокупната ситуација во државата и по однос на тоа каква е состојбата и со вакцинацијата, со бројот на вакцини кои се на располагање, со бројот и видови на лекови. Заклучокот е дека во моментов имаме доволно лекови и вакцини што може да се стават на располагање со цел третман на болеста.