Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство, предупредуваат од МВР
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење какви било операции со нив на територијата на градот Скопје. Забраната, како што се наведува во соопштението од МВР, важи за шест локаци: плоштад „Македонија“, улица „Димитрие Чуповски“, булевар „11 Октомври“ пред Собранието на РСМ, улица „Филип Втори“, булевар „Гоце Делчев“ до булевар „Илинден“ и пред Владата на РСМ.
„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“,
се наведува во соопштението од МВР.
Од МВР апелираат на мирни протести и почитување на насоките од полицијата.
„Апелираме до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата“,
додаваат од МВР.
Информацијата за забрана на употреба на дронови од МВР стигна непосредно по почетокот на протестот во Скопје закажан за 18 и 59 минути, во чест на загинатите 59 лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На собирите кои се одржаа во Скопје и во Кочани на 18 март, полицијата на информативен разговор повика новинарски екипи затоа што снимале со дрон.
Од ЗНМ и ССНМ изразија загриженост бидејќи според достапните информации, забраната за користење дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна.
„Во интерес на јавноста, бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања: Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна? Според најавата, Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор. По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони, како што предвидуваат подзаконските акти? Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?“,
порачаа од ЗНМ и ССНМ.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство возвратија дека лицата кои снимаат со дронови мора да бидат регистрирани оператори на дронови и да поседуваат потврда за тоа, која се издава од Агенцијата.
„Секој оператор на дрон и секој далечински пилот пред да почне со реализација на планиран лет, должен е да го најави летот на оваа мапа и при подготовката на летот да се запознае со состојбата во воздушниот простор кој сака да го користи, како заради негова безбедност, така и заради безбедноста на другите оператори и уште поважно, безбедноста на трети лица на земја“,
посочија од Агенцијата за цивилно воздухопловство.