Вчера цената на овој благороден метал порасна на 1 807,93 долари, што е највисоко ниво од 5 јули, но денеска падна за 0,3 отсто по информацијата за намалувањето на инфлацијата во САД
Цените на златото денеска паднаа на азиските берзи како резултат на процената на инвеститорите за влијанието што може да го има намалувањето на инфлацијата во САД врз идните одлуки за монетарна политика на американските Федерални резерви (ФЕД).
Златото вчера скокна, откако беше објавено дека американскиот индекс на потрошувачки цени забави повеќе од очекуваното во јули, што укажува на тоа дека ФЕД може да бидат помалку агресивни со зголемување на каматните стапки.
Вчера цената на овој благороден метал најпрвин порасна за 0,8 отсто на 1 807,93 долари, што е највисоко ниво од 5 јули, по што цената почна да се намалува и заврши со пад од 0,1 отсто.
Златото го продолжи својот надолен тренд и денеска на берзата во Сингапур, каде што при утринското тргување цената падна за 0,3 отсто на 1 786,26 долари за унца, пренесува „Блумберг“.
Некои трговци ги намалија своите проценки за зголемување на основната каматна стапка на ФЕД и сега предвидуваат зголемување на стапката за половина процентен поен како најверојатен исход од состанокот на американската централна банка следниот месец, додека претходно се очекуваше дека зголемувањето ќе биде 0,75 отсто.