Мицевски најави дека како пратеничка група ќе ја разгледа можноста да поднесат интерпелација за претседателката на Комисијата, па дури, како што вели, и за кривични пријави против оние кои се инволвирани во целата постапката. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојдат на власт, според координаторот на нивната пратеничка група, целата постапка за избор и злоупотреба на изборот на уставни судии повторно ќе биде разгледана

ВМРО-ДПМНЕ го оцени како невиден преседан во Собранието тоа што на дневен ред на пленарна седница се најдоа предлози за избор на двајца уставни судии, а не за тројца.
Реакцијата од пратеничката група следува бидејќи расправата за предложените имиња сè уште не е завршена во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, која треба да утврди три предлози. Меѓутоа, бидејќи поради филибастеринг од опозицијата никако да заврши дебата за републичкиот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија, претседателката на ова собраниско тело, пратеничката Марија Георгиевска, испрати известување до претседателот Талат Џафери, во кое како предлог наведува само две имиња кои досега добија зелено светло: апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева.
„Ова е преседан сам по себе, во 30-годишниот плурализам се нема случено и ова е првпат, Комисија да не ја заврши расправата по точката, а да испрати извештај и тој извештај да го смета за релевантен врз основа на кој ќе се дискутира на пленарна седница. Ова е класично изигрување на процедурата, класично кршење на Уставот и можам од денеска свечено да кажам дека оваа власт, единствената работа која остана чиста, а тоа е Уставниот суд, успеа во процедурата да го направи неуставен“,
вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој вели дека Георгиевска не смеела да испрати предлог пред да заврши расправата за сите имиња бидејќи станува збор за постапка за избор на тројца судии и на крајот на расправата за сите предложени имиња требало да се гласаат уште еднаш за сите како заеднички предлог.
„Вистина е дека на седницата на Комисијата се гласа за секој предлог поединечно, меѓутоа конечните три предлози се гласаат заеднички во целина и така се затвора точката од дневен ред на самата комисија. И ваков извештај кој има строго одредено што треба да содржи – кој како гласал, со колку гласа поминал, дали има издвоено мислење, претседателката на Комисијата го доставува до претседателот на Собранието, кој врз основа на целиот овој материјал го става на гласање“,
смета Мицевски.
Покрај тоа што за ВМРО-ДПМНЕ ова е класично кршење на Деловникот и злоупотреба на Уставот, координаторот смета дека била злоупотребена и самата пратеничката Георгиевска од СДСМ.
„Сметам дека претседателката на комисијата е злоупотребена и е ставен потпис на извештај кој го измислиле други ’умни глави‘, а таа требало да го реализира ставајќи ги во прашање својот интегритет, авторитет“,
рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски најави дека како пратеничка група ќе ја разгледа можноста за поднесат интерпелација за претседателката на Комисијата, па дури, како што вели, и за кривични пријави против оние кои се инволвирани во целата постапката.
Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојдат на власт, според координаторот на нивната пратеничка група, целата постапка за избор и злоупотреба на изборот на уставни судии повторно ќе биде разгледана.
Во дописот до Џафери, кој го спори опозицијата, Георгиевска наведе дека испраќа предлогот за само двајца со цел да се спречи уставна криза. На ваква ситуација, како што е познато, се алармира со оглед дека Уставниот суд во моментов функционира со само пет од вкупно девет судии, а на 7 декември истекува мандатот на уште еден од петтемина други, што би значело дека овој суд со само четворица судии нема да има мнозинство и воопшто да одржува седница, а уште помалку да одлучува.
Во известувањето, претседателката на Комисијата констатира дека расправата во ова тело сè уште не е завршен, но и наведува дека секако за секој предлог се одлучува посебно.
Пленарната седница на чиј дневен ред, покрај предлогот за уставни судии, има повеќе од 30 точки, првично беше најавена за денеска во 11 часот. Нејзиниот почеток потоа беше поместен за во 13 часот, меѓутоа кога ќе започне е неизвесно со оглед дека, според информациите од законодавниот дом, има проблеми со електрониката.
„Имајќи го предвид постојниот состав на Уставниот суд, од девет судии во моментов има пет судии, што може да го доведе во прашање остварувањето на неговите надлежности, потребно е утврдените предлози за избор на судии на Уставниот суд на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да бидат разгледани и од Собранието на Република Северна Македонија;
Расправата во Комисијата за утврдување на третиот предлог за судија на Уставниот суд за која има пријавено пратеници за дискусија е во тек и ќе продолжи понатаму, но не треба да претставува причина за нефункционалноста на Уставниот суд. Ова дотолку повеќе што и Комисијата и Собранието за секој предлог одлучуваат посебно“,
пишува во дописот на Георгиевска до Џафери.