Според пратеникот Милошоски, неизјаснетите над 132 000 лица се граѓани кои го бојкотирале пописот, за кои ВМРО-ДПМНЕ смета дека во најголем дел се Македонци. Од партијата на ДЗС му забележуваат дека не требало да ги објави вака бројките, туку да ги соопшти откако ќе ја дефинира нивната етничка припадноста
Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го смета пописот за некомплетен, Милошоски вели дека кога ќе дојдат на власт ќе спроведат електронски попис по европски стандарди
По презентацијата на резултатите од пописот спроведен во септември лани, ВМРО-ДПМНЕ излезе со оценка дека бројките се поразителни бидејќи покажуваат дека имаме преголемо иселување, но и дека целата статистичка операција е некомплетна бидејќи 7,2 отсто од населението не се изјаснило во однос на етничката припадност, јазикот, вероисповедта.
„Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика и затоа сметаме дека во ваквите бројките секој има право да се сомнева“,
рече пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата, Антонио Милошоски.
Тој забележува на партиите од власта што и пред објавувањето и сега политизираат со процентите и бројките, а за неизјаснетите граѓани кои влегоа во статистиката, но со празна графа за етничка припадност, вели дека станува збор за сериозна бројка.
„Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови, и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2% или повеќе од 132 000 за коишто ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132 000 македонски граѓани, жители на државата. Затоа сметаме дека Државниот завод за статистика не се потрудил да ги искористи податоците за да го направи овој попис да изгледа комплетен. Ваквите податоци, пописот го прават некомплетен“,
рече Милошоски.
Според неговата изјава, неизјаснетите се лица кои го бојкотирале пописот, а за кои, пратеникот порача дека во најголем тоа се Македонци.
„Имаме 7,2% коишто го бојкотирале пописот тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа. Бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел. Како може тоа да се заклучи. Едноставно е, ќе споменам неколку средини и општини каде што е поголема бројката на граѓани кои не се попишале или не се изјасниле по етничка основа, а според нашите податоци добиени од најмногу секторот образование можеме да заклучиме дека нивниот број во најголем дел се работи за Македонци“,
рече Милошоски наведувајќи повеќе општини каде има голем број неизјаснети како што се Аеродром, Ѓорче Петров, Центар, Битола, Велес, Кавадарци, Кочани …
Само во општините кои тој ги наведе, вели, има повеќе од 60 000 неизјаснети граѓани.
Во однос на иселувањето, пак, во споредба со пописот 2002 година, потенцираше тој, имаме околу 200 000 граѓани кои си заминале од државата.
„ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека овој попис е некомплетен се обврзува по смената на власта да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди коишто може да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците коишто ги имаат овие пописни бројки“,
рече Милошоски.
*Повеќе вести поврзани со пописот:
- Објавени резултатите од пописот 2021: Во земјава живеат 1 836 713 лица
- Пописот низ етничка призма: Во земјава живеат 58,44% Македонци, 24,3% Албанци, 7,2% „непрашани“, 3,8% Турци…
- Кај 132 260 жители графата за етничката припадност е празна, најмногу ги има во Скопје, Куманово и Струмица
- Во земјава живеат 3 504 лица што се декларираат како Бугари
- Попис 2021: Скопје има речиси 20 илјади жители и над 50 илјади стана повеќе од 2002 година
- Ковачевски: Пописот содржи релевантни информации
- Ахмети се огласи за пописот: Во Скопје сега има 22,8% проценти Албанци, наспроти од 20,04% во 2002 г.
- Крмов: Левица нема да го признае овој фингиран попис
- Европската комисија за пописот: Големо достигнување