Во повисокото обвинителство преминува и актуелниот шеф на Основното јавно обвинителство-Скопје, Сашо Рајчев, како и уште една негова колешка од скопското обвинителство. Наум Паноски ќе го напушти Обвинителството за организиран криминал и ќе се приклучи на тимот во Вишото обвинителство во Скопје. Од трката за виши обвинители, пак, отпаднаа Ленче Ристоска, Љубомир Лапе, Ивана Трајчева….
Обвинителката Фатиме Фетаи и нејзиниот колега Бурим Рустеми, кои беа дел од поранешното СЈО, се избрани за обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Нивниот избор се случи на денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Фетаи беше избрана со 9 гласа „за“, а Рустеми со 10 од можни 11.

Фатиме Фетаи има стаж како обвинителка од 8 години и 8 месеци. Првпат била избрана во 2011 за обвинителка во ОЈО Скопје, а во 2015 стана дел од тимот на Катица Јанева, каде што остана до септември 2019 година. По распаѓањето на СЈО се врати во матичното скопско обвинителство. Таа конкурираше и за обвинителка во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, но таму не ги доби потребните гласови. Фетаи стана позната на јавноста кога премина во СЈО, каде што на прес-конференции ги презентираше отворените истраги, а меѓу предметите во кои таа го застапуваше обвиненијата беа „Тенк“, каде што за набавката на луксузниот мерцедес се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, „Титаник 2“, каде што се обвинети Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешни членови на ДИК за локалните избори во Струмица во 2013, „Титаник 3“ против бивши функционери од ДУИ, а беше и една од обвинителите кои го застапуваа обвинението во повторното судење за „Монструм“ …
Еден од познатите предмети што ги водеше нејзиниот колега Бурим Рустеми, пак, е финансиската истрага за „Поштенска банка“. Оваа истрага заврши и неодамна се поднесе обвинение за кое се чека оценка од Основниот кривичен суд во Скопје. Пред да биде дел од СЈО, Рустеми работел во ОЈО Куманово во периодот од 2009 до 2015 година. По пропаѓањето на СЈО беше вратен во кумановското обвинителство.

Покрај Фетаи и Рустеми, во хиерархиски повисокото обвинителство преминува и актуелниот шеф на Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје, Сашо Рајчев, што значи дека скопското обвинителство ќе треба да добие нов шеф. Рајчев има стаж како обвинител од 2006 година. Од тогаш тој е дел од ОЈО Скопје, а од 2017 г., првично е в.д., а потоа и шеф на ова обвинителство.
Во Вишото јавно обвинителство преминува и обвинителката Снежана Бундалевска-Георгиевска, која работеше во ОЈО Скопје. Таа работи како обвинителка од 2003 година. Од тогаш, до денес е дел од скопското обвинителство.
Рајчев и Бундалевска-Георгиевска добија максимални 11 гласа „за“ од членовите на Советот на јавни обвинители.
Уште еден кандидат кој беше избран за виш јавен обвинител во Скопје е Наум Паноски, кој досега работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска. Паноски има стаж од над 17 години. Бил избран во 2003 како обвинител во ОЈО Охрид. Таму останал 10 години, а од 2013 е дел од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Од друга страна, пак, како што веќе информиравме, тимот на Русковска ќе го засилат пет нови обвинители, кои исто така беа избрани на денешната седница на Советот на јавни обвинители. За потсетување, во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција преминуваат: Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од ОЈО Струмица и Катерина Коларевиќ од ОЈО Скопје.
Од изборот отпаднаа Ристоска, Лапе, Трајчева, обвинителка од Хрватска…
На конкурсот за 5 обвинители во Вишото јавно обвинителство во Скопје биле пријавени вкупно 32 кандидати, од кои 31 добиле позитивни оценки.
Меѓутоа, при гласањето на денешната седница тие не добија доволен број гласови, односно не добија шест гласа „за“ од можни 11.

Меѓу нив беше и обвинителката Ленче Ристоска за која гласаа 4 члена на Советот за јавни обвинители. Исто така, и Љубомир Лапе со кого беа колеги во СЈО. Тој доби само еден глас „за“.
Кандидати за скопското Вишо јавно обвинителство беа и Ивана Трајчева од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и Дарко Јакимовски од ОЈО Скопје. Трајчева ѝ е позната на јавноста затоа што често се појавува како застапник на обвинението на рочиштата за предметите како „Меѓународен сојуз“ и „27 април“, а нејзиното последно појавување во јавноста беше при приведувањето на Драги Рашковски за набавката на софтверот, кога обвинителството бараше притвор. Јакимовски, пак, од експонираните предмети во јавноста, беше обвинител во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април 2017 година, а ги застапува и обвиненијата за автобуската несреќа кај Ласкарци и за убиството на матурантот Ангел Петровски во Ѓорче Петров во 2014 година.

Меѓу пријавените на конкурсот за виши обвинители имаше и обвинителка од Хрватска, Јулијана Кениг. Читајќи ја нејзината биографија, претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски рече дека има стаж од 23 години како обвинителка во Хрватска. Работела во Загреб, Самобор, Велика Горица… Иако нема искуство како обвинителка во земјава, Советот одлучил да ја прифати нејзината кандидатура бидејќи, рече Колевски, на интервјуто оставила добар впечаток од стручен и човечки аспект. Меѓутоа, ниту таа не доби доволен број гласови, односно „за“ гласаа само 3 члена на Советот.
Огласот за избор на обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство – Скопје беше распишан пред околу 8 месеци.
Законот за јавно обвинителство предвидува дека за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку четири години како јавен обвинител и е оценет со позитивна оценка во последните две години. Услов за избор во вишо обвинителство, пак, е стаж од шест години и позитивна оценка во последните три години.
