Според анкетата што ја спроведе оваа платформа, прв на листата на бојкот е токму „Конзум“, а следни се продавниците на „Плодине“ и „Студенац“
Во Хрватска продолжува бојкотот на малопродажните синџири поради поскапувањето на основните прехранбени производи.
Потрошувачката платформа „Ало инспекторе“ за утре најави повторен бојкот на продавниците во Хрватска, а ги повика граѓаните една недела да не пазарат во маркетот „Конзум“, почнувајќи од 8 февруари, сабота.
Според анкетата што ја спроведе оваа платформа, прв на листата за бојкот е токму „Конзум“, а следни се продавниците на „Плодине“ и „Студенац“.
На анкетата се регистрирани 211 638 гласови од 144 732 гласачи. За бојкот на „Конзум“ се изјасниле 31,7 отсто од гласачите, потоа за „Плодине“ 29,1 отсто и за „Студенац“ – 6,87 отсто.
„Во петок на 7 февруари не купуваме и не трошиме. Од сабота нема да одиме во ниту еден трговски синџир кој вие граѓани ќе го изберете на активната анкета. Ја изгубивте довербата на хрватскиот потрошувач. И треба повторно да ја заработите“,
пишува на фејсбук-страницата на „Ало инспекторе“.
Синоќа заврши седумдневниот бојкот на три трговски синџири – „Лидл“, ДМ и „Еуроспин“, а особено на три групи производи, како кока-кола и други газирани пијалаци, флаширана вода и детергент за миење садови.
„Потрошувачи, да покажеме дека сме единствени. Да бидеме доследни. Да ја намалиме потрошувачката. Уште посилно и уште поубедливо од порано. Заедно во петок намалете ја потрошувачката на минимум. Да покажеме дека сме незадоволни и дека се чувствуваме измамени, зашто од трговци до добавувачи и увозници се договараат на наша штета“,
пишува во објавата на „Ало инспекторе“.
Ова ќе биде трет последователен бојкот на кој хрватските граѓани се повикуваат да се воздржат од секаков вид плаќање.
На 30 јануари трговскиот синџир „Конзум“ во Хрватска најави намалување на цените на 250 домашни производи кои не се опфатени со владината одлука за ограничување на цените. Истовремено, хрватската влада најави проширување на списокот на производи со ограничени цени на 70 артикли.