Прашан дали има основа ОЈО Скопје да отвори предмет по допрен глас во овој случај, Гаврил Бубевски рече дека обвинителството со кое раководи, по закон, не постапува по предмети за јавни набавки, туку таа надлежност ја има ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е адресата на која треба да се праша за евентуално постапување по допрен глас во случајот со јавната набавка за избор на консултант односно надзор на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Овој заклучок произлегува од одговорите на шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, на прашањата на оваа тема во настап во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Прашан дали има основа ОЈО Скопје да отвори предмет по допрен глас во овој случај, Бубевски рече дека обвинителството со кое раководи, по закон, не постапува по предмети за јавни набавки, туку таа надлежност потпаѓа под ОЈО ГОКК.
За инструментот „допрен глас“, пак, кој често се споменува во јавноста кажа дека тоа е еден од трите инструменти што обвинителите ги имаат на располагање за започнување на постапка, но и дека тој се користи само доколку институциите претходно затаиле.
„Инструментот на допрен глас во ОЈО Скопје го користиме во ситуација кога гледаме дека институциите на откривање на кривичното дело претходно затаиле и само во тој случај јавното обвинителство почнува да постапува по допрен глас. Доколку другите институции што имаат откривачка функција го работат предметот и дојдат до соодветни сознанија, ќе изготват кривична пријава и потоа постапуваме по тоа“,
кажа Бубевски.

Пример за случај отворен по допрен глас е оној со кардиохирургот Жан Митрев, за кого ОЈО Скопје отвори истрага документарниот филм на ИРЛ.
„Тука е искористен инструментот поради емисијата на ИРЛ и имаше соодветни сознанија кои на нас ни дадоа право да влеземе во постапка, да формираме предмет по допрен глас, бидејќи од некаде веќе имаше обезбедено некаков доказен материјал во однос на некакво постапување во конкретниов случај“,
рече Бубевски.
Изминатите денови медиуми и опозицијата објавија низа сомнежи за начинот на кој е воден тендерот за избор на консултант односно надзор за изградбата на автопатите и за кредибилитетот на фирмите учеснички во победничкиот конзорциум.
Тоа што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет во врска со компаниите што ќе треба да прават надзор на изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, нема да ја одложи работата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. „Бехтел и Енка“ кои треба да проектираат и да ги изградат автопатиштата, вели премиерот, потпишаа договор и тој е на сила.