Најавениот предлог-закон од Министерството за економија доколку е доставен до Собранието, тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина, што е недозволиво, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во врска со предлог-законските измени кои предвидуваат недела да биде работен ден за сите трговци на мало во туристичките места
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека е против носење на законски измени кои би овозможиле недела да биде работен ден за сите трговци на мало во туристичките места – предлог кој вчера Министерството за економија го достави до Собранието.
Од ССМ велат дека постојното законско решение, кое е во сила, е донесено по пат на дијалог и тоа овозможува работа и во недела под одредени услови.
„Со законските измени, ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на трговските центри, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, а предвидена е и можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалаци и слично работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. Не смее заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат“,
велат од ССМ.
Од Синдикатот додаваат дека на овој начин се покриени сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги. Потсетуваат и дека оние работници што ќе работат во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата.
Од ССМ велат оти очекуваат доследно да се почитуваат Законот за трговија и Законот за работни односи вклучително и во делот на законските измени за недела – неработен ден и да не се озаконуваат незаконитостите.
„Најавениот предлог-закон од Министерството за економија доколку е доставен до Собранието тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво“,
потенцираат од ССМ.
Како и во случаите на претходните иницијативи од други политички субјекти, додаваат од ССМ, за функционерите кои размислуваат да поднесат предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија во делот недела неработен ден, Синдикатот ќе поднесе иницијатива до Собранието за законско решение со кое ќе се побара да им се дозволи право на дополнителна работа од осум часа неделно кои задолжително ќе се одработуваат во недела.