Кошницата се однесува на едно четиричлено семејство со две малолетни деца, кои живеат во свој стан. Пресметките велат дека семејството треба да има еден мал автомобил, а поголемото од децата да има бесплатен автобуски билет за јавен превоз. Ги купуваат само основните прехранбени производи и оние за лична хигиена, не јадат по ресторани, купуваат облека на попуст, а на летување одат само седум дена во бунгалов во Дојран

Околу 56 500 денари месечно му се потребни на едно семејство со двајца родители и две деца кои се ученици за да ги покријат основните потреби. На годишно ниво оваа сума е 678 265 денари. Ова се пресметките на професорите и поранешни министри за финансии кои ја изработија новата синдикална минимална кошница, Никола Поповски и Драган Тевдовски.
Кошницата се однесува на едно четиричлено семејство со две малолетни деца, кои живеат во стан во Скопје. Пресметките велат дека семејството треба да има еден мал автомобил, а поголемото од децата да има бесплатен автобуски билет за јавен превоз. Ги купуваат само основните прехранбени производи и оние за лична хигиена, не јадат по ресторани, купуваат облека на попуст, а на летување одат само седум дена во бунгалов во Дојран.
Структурата на кошницата, која не е променета од 2011 година, сега има четири нови ставки или вкупно 11.
На презентацијата беше посочено дека потешко им е на семејствата кои плаќаат кирија, бидејќи нивната синдикална кошница е поскапа за 21 324 денари поради трошоците за станарина, вода, струја и греење.
„За декември 2023 година минималната синдикална кошница од 56 522 денари е 69,9 отсто од претпоставената просечна нето плата за декември. Ако 38 843 е просечната плата за октомври, која претпоставуваме дека ќе се зголеми на 39 500 денари во декември, таа е 69,9 отсто од минималната синдикална кошница. Таа е далеку од доволна за задоволување на потребите“,
рече Никола Поповски.

Според Поповски, ако пак, во семејството има двајца вработени со две минимални плати, кои се 40 350 денари, тие се многу блиску 71,4 отсто од минималната синдикална кошница.
„Доволното ниво е во овој тип на семејство да има едно просечна и една минимална плата и тоа е околу 59 675 и е поголема за околу 3 000 денари од синдикалната минимална кошница. Во овој случај семејството ќе ги задоволи основните потреби“,
додаде Поповски.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го истакна значењето на синдикалната минимална кошничка, за која рече, дека нејзиното воведување во 2011 година било основ за донесување на нов закон за минимална плата. Синдикалната минимална кошничка, вели Трендафилов, пред неколку години беше главен аргумент за зголемување на минималната плата за 2 806 денари, подоцна за 2 175 денари, како и според направените пресметки за 2 500 денари во март наредната година.
„Минатиот период се изнаслушавме критики околу пресметката на синдикалната кошничка, затоа се одлучивме да ангажираме одлични експерти во својата област, поранешни министри за финансии, кои ќе дадат значаен придонес за начинот по кој ние ќе ја креираме новата методологија за синдикаланта минимална кошничка и која ќе ги претставува основните потреби на едно четиричлено домаќинство“,
посочи Трендафилов.
Трендафилов упати и новогодишна честитка за, како што рече, сите креатори на политиките.
„Честитката е како за работодавачите, така и за функционерите од власта и опозицијата и за оние што претендираат да ја водат оваа држава, со една посвета од задната страна на честитката дека треба напорно да работат за да ги исполнат минимум условите за преживување на едно четиричлено семејство“,
рече Трендафилов.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која беше присутна на презентацијата, истакна дека е задоволна што во нејзиниот мандат се направени значајни исчекори во подобрување на правата на работниците, посочувајќи на недела неработен ден, новиот предлог Закон за работни односи, новиот колективен договор, како и Законот за минимална плата.