Од здружението „Хема-онко“ упатуваат апел до надлежните да се најде итно решение за пациентите и инсистираат да има промена на позитивната листа
Од Клиниката велат дека веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство
На Клиниката за радиотерапија и онкологија од петокот за пациентите нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Пациентите стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
Според изјавите на пациентите, причина за недостигот е тоа што Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери.
„Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни средства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет“,
вели Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“ во изјава за МИА.
Таа упатува апел до надлежните да се најде итно решение за пациентите и додава дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.
„Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа“,
додава таа.
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје во врска со овој проблем на пациентите велат дека е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
„Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови“,
велат од Клиниката во изјава за МИА.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
„Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман“,
додаваат од Онкологија.