„Можам да кажам дека барем за месец дена, одредена терапија ќе започнат да примаат пациенти во ‘8 Септември’ со што делумно ќе ја растеретиме Клиниката за онкологија“, вели Таравари
Тој потврди дека стои на ветувањето оти сите податоци што ќе бидат собрани за акцелераторите, ќе бидат доставени до Обвинителството кое ќе треба да провери дали има основ за кривично дело

Во Градската општа болница „8 Септември“ за неколку недели ќе почнат да функционираат амбулантите за онкологија во кои ќе се вршат консултативни прегледи, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, кој беше во посета на оваа здравствена установа.
Таравари рече дека решението од Министерството е поминато како одлука на Влада за да може и во оваа болница да се вршат амбулантски консултативни прегледи. Во оваа болница, рече Таравари, веќе се вработени двајца онколози и може да се изврши полесна онколошка терапија.
„Дневната амбуланта би требало да функционира за неколку недели. Го видовме и акцелераторот којшто моментално не е во функција, но мислам дека може да се стави. Ќе кажеме дека дефинитивно има решение од Министерството за здравство кое е поминато како одлука на Влада за да можат амублантски консултативни прегледи да се вршат во ГОБ ‘8 Септември’. Се надевам дека набргу и на Фондот ќе поминеме да има условен буџет“,
рече Таравари во изјава за медиумите.
Тој напомена дека Клиниката за онкологија ќе се растовари со тоа што онколошките пациенти ќе може да примаат терапија во „8 Септември“, но во меѓувреме ќе треба да се потпише договор меѓу Клиниката и болницата.
„Имаме децентрализација во здравството. Секако, во меѓувреме ќе треба Клиниката за онкологија да има договор со ГОБ ‘8 Септември’ за ова некако да биде под контрола на Клиника за онкологија, зборувам за онколошки пациенти. Можам да кажам дека барем за месец дена, одредена терапија ќе започнат да примаат пациенти во ‘8 Септември’, со што делумно ќе ја растеретиме Клиниката за онкологија“,
рече Таравари.
Во однос на акцелераторот во ГОБ „8 Септември“, Таравари рече дека тој би можел да профункционира за шест месеци, односно откако ќе завршат потребните подготовки.
Според Таравари, за акцелераторот потребни се три месеци за да се направат одредени контроли од специјалисти во таа област кои ќе треба да кажат што недостасува и што треба да се инвестира.
„Не би рекол дека пред шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот. Состојбата изгледа добра таму каде што е поставен акцелераторот, ние ќе дојдеме да го промовираме откако ќе бидат третирани двајца или тројца пациенти. Меѓутоа, дајте ни рок, барем шест месеци, да ги направиме сите потребни подготовки за да може да функционира“,
одговори Таравари на новинарско прашање.
За акцелераторите во болниците во Штип и во Битола, министерот рече дека ќе може да информира по посетите на двете болници.
„За штипскиот сè уште немам информација. Мислам дека е нефункционален. Меѓутоа, дајте ми време да ја посетам болницата и да видам. Во Битола се надевам дека за две недели ќе бидеме таму. И таму акцелераторот не функционира, меѓутоа амбулантата, за среќа, функционира. Да видиме што може од она што е останато да ставиме во функција“,
рече Таравари.
Тој потврди оти стои на ветувањето дека сите податоци што ќе бидат собрани за акцелераторите, ќе бидат доставени до Обвинителството, кое ќе треба да провери дали има основ за кривично дело.
„Работат службите во Министерството. За ‘8 Септември’ немав точни информации, тој е употреблив, само останува за Штип да видиме и за Битола. Во Битола е користен колку што знам, и сега ќе видиме колку може повторно да се активира, меѓутоа сите податоци ќе ги испратиме на крај онаму каде што треба. Тоа ни е обврска“,
рече Тараври.
Таравари денеска во „8 Септември“ ги посетил и хируршките сали за кои рече дека се наоѓаат во незавидна состојба и дека на нив треба да се интервенира.
Тој најави дека согласно буџетот за 2025 година, приоритет освен салите во Клинички центар да бидат и салите во „8 Септември“.
Министерот бил информиран и дека има недостиг на среден медицински кадар, но и на специјалистички кадар.
„Се надевам дека според програмата што ја планираме, до крајот на годината ќе можеме да вработиме и одреден број на медицински сестри и среден медицински персонал, но и одредени специјализанти онаму каде што има дефицит. Тоа значи дека оние коишто се на четврта, петта или шеста година од специјализација ќе можеме да ги распределиме во болниците каде што има недостиг на кадар“,
додаде Таравари.