„Многу е чудно како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување на осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои се само за Обвинителството, а не се доставени ниту на увид ниту на одбраната, па многу е чудно како дошол до нив и ги презентира во јавноста“, вели обвинителката
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска вели дека Обвинителството има преземено доволно дејствија и дека сите наводи што денеска првообвинетиот Љупчо Палевски ги изнесе во судот се неосновани.
„Очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски на денешната закажана расправа во поднесеното барање за изземање го искористи моментот да ги изнесе сите свои наводи кои начелно му одат во поткрепа на неговата одбрана. Обвинителството има преземено доволно дејствија, сите наводи му се неосновани, доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметниот настан“,
рече обвинителката во изјава за медиумите.
На прашање во врска со наводите на Палевски дека Боре Видевски поседувал оружје, обвинителката рече дека Обвинителството ги има обезбедено сите докази и оти тие се приложени.
За изјавата од адвокатот Витановски дека другите обвинети преговарале со Обвинителството со цел да се осуди Палевски, Јосифовска рече дека ниту еден бранител не разговарал со Обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија во смисла на испитување на обвинетиот.
„Многу е чудно како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување на осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои се само за Обвинителството, а не се доставени ниту на увид ниту на одбраната, па многу е чудно како дошол до нив и ги презентира во јавноста“,
додаде таа.
Прашана дали ќе се испитува кој му ги дал, таа рече дека додека не се преземат конкретни дејствија за конкретно лице не може да се произнесат.
„Доколку имаме докази, секако дека ќе се произнесеме“,
рече обвинителката.
Изјавата на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска доаѓа откако претходно првообвинетиот во случајот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо побара нејзино изземање, но и на Јавно обвинителство Скопје. Палевски обвини за криење докази, а неговиот адвокат Витановски во изјава за медиумите рече дека некои работи што ги презема Обвинителството укажуваат на тоа дека се прави обид по која било цена обвинетиот Палевски да се доведе во поврзаност со ова кривично дело.
Според Витановски, тоа што четворица обвинети во досегашната постапка немале да постават ниту едно прашање или да приговорат на каков било доказ, укажува дека во овој случај можеби тие се заложници во овој кривично-правен настан или можеби веќе преговарале за исходот на постапката, а со причина првообвинетиот Палевски да биде лицето кое го извршило делото.