Градоначалничката на Скопје вели дека за „Беласица“ било направено сериозно вештачење од лиценцирана институција, но на прашањето – која е таа институција, нѐ упати одговор да побараме преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер
Во однос на изјавите на деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, дека во Македонија нема лабораторија која може да утврди дали на мостот има трајни оштетувања предизвикани од пожарот, Арсовска обвини дека тој од дома по пижами давал дијагностика за мостот
Мостот „Беласица“ целосно ќе биде пуштен во употреба откако ЕСМ ќе заврши со поставувањето на цевоводите, кажа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Таа ја демантира веста дека е прекината соработката со приватниот институт на сеизмологот Михаил Гаревски, која беше објавена во дел од медиумите.
Арсовска: Вистината е дека Град Скопје, сè што требаше да направи, да обезбеди информација каква е состојбата со мостот, дали има некаква оштетувања – го заврши. Она што беше доставено е прегледано и отпочнато е да се постапува. Санацијата од страна на ЕСМ, како што кажавме и претходно, е завршена и сега е во тек поставувањето на цевоводи, кое е нивна обврска.
360°: И после ќе може да се пушти целосно во употреба?
Арсовска: Значи, повеќепати кажав дека тој мост може и веднаш да се пушти. Меѓутоа, од аспект на тоа, бидејќи се извршуваат градежни работи на истиот, за безбедноста и сигурноста, не само на граѓаните, туку и на оние коишто работат на мостот, согласно она што го добивме како анализа, беше дадено како препорака да се пуштат две ленти на мостот и по завршувањето на работата, да се изврши пробно товарење и да се пушти целиот во употреба.
Во однос на изјавите на деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, дека во Македонија нема лабораторија која може да утврди дали на мостот има трајни оштетувања предизвикани од пожарот, Арсовска обвини дека тој од дома по пижами давал дијагностика за мостот.
360°: Тој не даваше дијагностика за мостот.
Арсовска: Даваше, рече дека е несигурен, небезбеден, дека ќе се рушел, ќе паѓал итн.
360°: А, зошто по пижами, малку е непристоен тој речник?
Арсовска: Па, јас не знам, мислам да дадете дијагностика за мост, да ги плашите граѓаните на целиот град Скопје, да кажувате нешто коешто воопшто не сте излегле на лице место да го погледнете, без да направите каква било анализа, да тврдите и да сеете страв меѓу нашите жители, јас се извинувам.
360°: Деканот на Градежниот факултет рече дека не постои лабораторија во Македонија којашто може да утврди дали има трајни оштетувања од пожарот.
Арсовска: Деканот многу работи рече и не може да правите „пребир и прескок“ (случаен избор, н.з.) од тоа што го кажал. За нешто да кажал и да биде релевантно, треба да има една целина во којашто ќе ја има целата веродостојност. Ако тој кажал пет работи, коишто не соодветствуваат со реалноста, зошто да веруваме дека шестата е вистина? Значи, се работи за сериозност на пристап.
Арсовска вели дека за „Беласица“ било направено сериозно вештачење од лиценцирана институција, но на прашањето – која е таа институција, нѐ упати одговор да побараме преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Пожарот на мостот „Беласица“ што ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“ избувна околу полноќ меѓу 11 и 12 мај 2023 г.
Тој е клучна артерија меѓу двата дела на Скопје што ги дели реката Вардар, но по инцидентот извесен период беше затворен за да се провери дали има оштетувања и дали е безбеден за користење. Во моментов, по мостот се вози само по една лента во двете насоки.
По опожарувањето, деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, со група колеги самоиницијативно направи методологија за утврдување на состојбата со мостот, по што јавно кажа дека не сака да тврди оти мостот има сериозни оштетување, туку дека се неопходни детални анализи.