Министерот за економија вели дека во потрошувачката на електрична енергија по киловат, мрежарината се плаќа по киловат која се пресметува и затоа одлуката на Регулаторната комисија за енергетика е намалување на цената на дистрибутивната мрежа за тие што не користат електрична енергија, а имаат пристап и тие да плаќаат надоместок за одржување на мрежата или слично. Бектеши вели дека тоа значи оти товарот во делот на трошоците за дистрибутивна мрежа ќе спаѓа на тие граѓани кои имаат вили, два стана, повеќе куќи или пак граѓани кои не живеат секојдневно во државата

Новата одлука за цената на струјата, која ќе важи од 1 јануари, и со која има намалување на цената кај првиот блок, а поскапување кај третиот и четвртиот блок, кога е носена е земена предвид просечната потрошувачка на струјата на повеќето домаќинства во државата. Мерката е во интерес на граѓаните, посебно на оние со потпросечни приходи во семејствата, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Според него, со новата одлука, мнозинството од граѓаните во државата ќе плаќаат пониски сметки како корисници во првиот и вториот блок.
„Затоа е одлучено во првиот и во вториот блок кумулативно ако ги земете како податоци да има намалување, а во делот на давачката за дистрибутивната мрежа ние тоа и претходно сме го кажале, сега можам само да го повторам дека тоа е задоцнета одлука на Регулаторната комисија за енергетика, воедно и на другите институции кои би можеле да влијаат врз секторот енергетика“,
рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата за поддршката на компаниите преку Развојната банка за економскиот раст на државата.
Тој повтори дека има активни и пасивни потрошувачи на електрична енергија. Има, како што рече Бектеши, иселеници со по два, три стана, имаат вили и слично, а плаќаат како и оние кои живеат во државата. Кога одат преку викенд имаат приклучок во електричната енергија, а трошоците за дистрибутивната мрежа ги плаќаат тие граѓани кои на дневна база трошат електрична енергија.
„За да бидам јасен во потрошувачката на електрична енергија по киловат, вие плаќате мрежарина по киловат која се пресметува и затоа одлуката на Регулаторната комисија за енергетика е намалување на цената на дистрибутивната мрежа за тие што не користат електрична енергија, а имаат пристап кон електричната енергија и тие да плаќаат надоместок за одржување на мрежата или слично, што значи дека товарот во делот на трошоците за дистрибутивна мрежа ќе спаѓа на тие граѓани кои имаат вили, два стана, повеќе куќи или пак граѓани кои не живеат секојдневно во државата. Граѓаните кои секојдневно користат електрична енергија за нив повеќе од 20 проценти ќе биде намалена дистрибутивната мрежа, што значи дека тие во првиот и во вториот блок ќе плаќаат пониски сметки за електрична енергија, а тие се мнозинство во државата“,
појасни Бектеши.
За граѓаните од третиот и четвртиот блок, Бектеши рече дека и претходно кажал некои имиња и додаде дека дел од нив трошат струја како фабрика.
Бектеши објаснувајќи ги процентите и наплатата, даде и опис на тоа за колку ќе се намали сметката на оние кои трошат до 630 киловати електрична енергија.
„Ако вие имате сметка од 2 000 денари од ’ЕВН хоум“ каде 1 000 плаќате за мрежата и 1 000 плаќате за електричната енергија. 1 000 денари за мрежата со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика се намалува за 27 проценти, што значи дека има намалување од 270 денари. Со воведување на новата давачка вие пак имате намалување од 70 денари. Од сметка од 1 000 денари за мрежа, вкупно 2 000 денари. Ако е 2 000 денари, намалувањето е уште поголемо, што значи дека граѓаните од првиот и вториот блок кои трошат до 630 киловати сите ќе добијат пониски сметки на струјата, посебно во делот на дистрибутивната мрежа и посебно во потрошувачката на електричната енергија“,
вели Бектеши.
Во однос на продолжувањето на мерката на гарантирани цени, Бектеши рече дека денеска на седница на Влада ќе се расправа за таа да биде продолжена до крајот на јануари.
Следниот месец министерот очекува во Собранието да биде усвоен и законот за нефер трговски практики со кој ќе се воведе нова регулатива во делот на трговијата посебно за земјоделските и прехранбените производи.
„Во законот за нефер трговски практики што е веќе во Собранието со европско знаменце е предвидено на предлог на Министерството за економија и во консултации со организации на потрошувачите и со стопанските комори да се направи листа на производи за целата година за кои нема да може да има маржа во ланецот на трговија повеќе од 10 проценти. Додека не се усвои законот за нефер трговски практики ќе имаме времени мерки како што се одлуките за замрзнување на цени или пак замрзнување на маржи“,
рече Бектеши.