Ценам дека власта треба час поскоро да се охрабри и да формираат работна група и да ги дефинираме роковите бидејќи времето нè гази и ќе навлеземе во проблематичен период. Ако изборите бидат на 8. мај, ние за помалку од сто дена веќе треба да имаме техничка влада, рече Мицкоски
Ние во моментов не зборуваме за преклопување на датуми, ниту за конкретни датуми, туку зборуваме за одржување на избори во редовен термин, за што конечно сите политички партии се сложија дека ќе бидат во редовен термин, е ставот на премиерот Ковачевски

Одржувањето на претседателските и парламентарните избори и денеска е тема на која лидерите на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски, и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, разменија одговори и ставови, но секој од нив од различни локации ги искажа своите барања околу датумот на одржување.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Општина Зелениково упати апел до владејачката коалиција поскоро да се организираат разговори и работни групи кои ќе ги договорат термините за избори. Според него, роковите течат и има опасност од влегување во уставна криза.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање до каде е процесот за формирање работни групи кои ќе ги утврдат датумите за избори, напомена дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за спојување на термините за гласање на претседател и за членови на парламентот.
„Ценам дека власта треба час поскоро да се охрабри и да формираат работна група и да ги дефинираме роковите бидејќи времето нè гази и ќе навлеземе во проблематичен период. Ако изборите бидат на 8. мај, ние за помалку од сто дена веќе треба да имаме техничка влада“,
рече Мицкоски.
Тој го повтори ставот дека е нерационално да се трошат ресурсите на граѓаните и да се организираат одвоени избори во временска разлика од триесет до шеесет дена.
„Тоа би било расипнички ако било кој од нас поддржи таква идеја. Јас апелирам на разум во владата. Еве, 8. мај, ден среда, и претходно се гласало во среда и тоа било случај. Тоа е датум кога вториот круг на претседателските избори ќе биде во ист ден со парламентарните. Има доволно време од 72 часа за жалби доколку постојат. Така ќе се фати рокот и на 12 мај да биде инаугуриран новиот претседател“,
рече Мицкоски.
Според него ова е одлична можност Владата, како што рече, барем еднаш да застане на страната на разумот наместо насила да турка процеси.
„Како и да е. Мора да седнеме и да разговараме за овие процеси, да почнат и да се завршат. Веќе законските рокови и Уставот нè притискаат. Ние веќе влегуваме во своевидна уставна и законска криза“,
рече Мицкоски.
Според него, има проблем и со испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК), која, како што рече, во моментов не е комплетна.
„Според законот треба да има седум членови. Сега има шест, два на опозицијата и четири на власта. Законот е јасен – треба три на опозицијата и четири од власта. Тој што беше член од страна на албанската опозиција, стана министер. Сега тоа место е испразнето. Таа политичка партија стана дел од власта. Треба од легитимната опозиција кај Албанците во Парламентот да има претставник во ДИК, а со тоа и во општинските комисии и избирачки одбори“,
рече тој.
Мицкоски потврди дека нема комуникација со владејачката коалиција, освен онаа, како што ја нарече, колоквијална, што се одвива во Собранието.
Од друга локација во државата, премиерот Димитар Ковачевски, исто така, одговараше на новинарски прашања околу одржувањето на претседателските и парламентарните избори и го повтори својот став дека тие ќе бидат во редовниот термин.
„Ние во моментов не зборуваме за преклопување на датуми, ниту за конкретни датуми, туку зборуваме за одржување на избори во редовен термин, за што конечно сите политички партии се сложија дека ќе бидат во редовен термин“,
рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за прифатлив датум за избори, при денешната посета на компанијата „Глобус“ во Скопје.
Ковачевски, како и вчера, и денеска рече дека уште при поднесувањето на експозето како мандатар кажал дека изборите ќе се одржат во својот редовен термин, претседателски, а потоа и парламентарни.
„Конкретните датуми зависат од законските решенија во колку дена пред истекот на мандатот се организираат и парламентарните и претседателски избори и нормално дека конкретниот датум секогаш зависи од тоа што ќе биде договорено и што ќе биде подоцна изгласано и предложено, пред сè од страна на претседателот на Собранието. Така што, ние имаме востановено пракса, востановена парламентарна демократија во којашто ова се смета за прашања коишто се, би рекол, од техничка природа во однос на организирање на изборите“,
рече премиерот.
Околу учеството во работната група која треба да се формира, Ковачевски посочи дека како партија се подготвени и секој понеделник има координација кај претседателот на Собранието, каде што присуствуваат сите пратенички групи и таму можат да се договорат за динамиката на разговорите што би се воделе во таа насока.
Ковачевски додаде дека наскоро неговата партија ќе одлучи кој ќе биде претставникот во работната група и кој ќе ја предводи.
