Македонија, според Мицкоски, ќе ги почне вистинските преговори дури откако ќе го смени Уставот за да ги вметне Бугарите, а дека нема да се случи тоа, тврди тој, гарант е бројноста на пратеничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 44 пратеници. Во овој момент, вели Мицкоски, владата нема две третини што значи дека предлог-преговарачката рамка останува предлог, а не усвоена
На прашањето зошто не почне веднаш со собирање потписи за референдумот што го најави, туку ќе чека да поминат одморите, Мицкоски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ се сериозни луѓе и затоа прво ќе се консултираат со експерти и ќе прават методологија

Дипломатски нокаут и капитулација претставува за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера потпишаниот протокол помеѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Мицкоски забележува дека таму нема никаков реципроцитет и оти, всушност, тој протокол ја подзатвора вратата за преговори за земјава.
„Тој протокол, практично, ја отвори врата за преговори за Албанија, а ја подзатвори за Македонија бидејќи, како што и самата Генчовска кажа, вистинската меѓувладина конференција нема да се одржи сега туку веднаш после промената на Уставот, а дека тоа нема да се случи гарант е ВМРО-ДПМНЕ бидејќи власта нема две третини во парламентот. Генчовска ни даде пример дека не го признава македонскиот јазик, дали ние реципрочно ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик? Генчовска бара Бугарите да бидат дел од преамбулата и нормативниот дел во Уставот, а истовремено бара ние да се откажеме од нашите Македонци во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет“,
праша денеска Мицкоски.
Според него, Македонија вистинските преговори ќе ги започне дури откако ќе се направи промена на Уставот за вметнување на Бугарите, но такво нешто, тврди тој, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи.
„За Македонија да ги почне преговорите потребно е да се промени Уставот односно преамбулата, па дури потоа ќе биде свикана меѓувладина и ќе биде усвоена предлог-преговарачката рамка. Дека нема да се смени Уставот говори бројноста на пратеничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 44 пратеника плус пратеници од опозицијата кои се противат на идејата за промена на Уставот, така што во овој момент владата нема две третини што значи дека предлог-преговарачката рамка останува предлог, не усвоена. Бараме истата да претрпи измена во членот 4, алинеја 4, каде таа сега се повикува на билатералниот договор и протоколот што го потпиша Бујар Османи“,
вели Мицкоски.
На прашањето зошто не почне веднаш со собирање потписи за референдумот што го најави, туку ќе чека да поминат одморите, Мицкоски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ се сериозни луѓе и затоа прво ќе се консултираат со експерти и ќе прават методологија.
„Сè уште трае анализата, ова се сериозни работи и ние сме сериозни луѓе кои сакаат кога ќе излеземе пред граѓаните со одредено барање тоа да се темели на факти и да немаме простор за дополнителни толкувања. Периодот што следи дополнително ќе го искористам да се консултирам со експерти за јасно да го дефинираме прашањето и методологија со која ќе излеземе пред граѓаните. Но, суштината е дека процесот на билатерални разговори и протоколи со Бугарија е еден процес, процесот на менување на Уставот и вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата и нормативниот дел е друг процес и трет процес е прифаќање на предлог-преговарачката рамка и тие три процеси не треба да ги поврзуваме еден со друг иако некој сака да ни ги поврзе“,
одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ во Собранието не гласаше „против“ заклучоците за францускиот предлог туку пратеници излегоа од салата, Мицкоски вели дека не сакале да легитимираат политичко дивеење и насилство кое нема никаква врска со иднината на земјава.
„Ние за време на расправата бевме тука и јасно го кажавме нашиот став дека сме против тоа. Но, за жал, еве има 68 кои одлучија да глумат некакви заклучоци и да бидат бафер на владата. Не ги разбирам опозициските пратеници во парламентот кои се против политиките на владата, а од друга страна, поддржуваат нешто што нема никаква врска со европска иднина“,
додаде лидерот на опозициската партија.