Предлогот на власта СЈО да се претопи во обвинителство за организиран криминал и корупција е разумен чекор за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој во интервју за телевизија Сител признава дека токму тоа го барала и неговата партија. Сепак, опозицијата не сака целокупниот кадар на СЈО да се префрли во новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција, поради како што вели Мицкоски „контаминираноста“ со случајот Рекет.
Сите постапки кои СЈО ги отвори до 30 јуни 2017 година, Мицкоски вели дека сега треба да ги преземе и распредели државниот јавен обвинител. Постапките кои СЈО ги отвори по овој рок, тој ги квалификува како правна фикција. Мицкоски одбива и Рускоска да шефува со новото обвинителство и го предлага поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски.
„Тоа е исто како сега ние да предложиме човек кој навистина има репутација и кредибилитет, кој е биран со години за најдобар меѓу луѓето кои се репрезенти во таа фела. Тоа е господинот Владимир Панчевски. Зошто тоа да не е човекот кој ќе го води тоа ново одделение или обвинителство. Според законот може да биде избран и судија“,
вели Мицкоски.
Според СДСМ, Мицкоски предлага враќање на, како што велат „сваровски судството“.
„Христијан Мицкоски уште еднаш докажа дека не му грижа за правдата, не му е грижа за владеењето на правото, неговата единствена грижа е да го одбрани криминалот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот на Мицкоски, Владимир Панчевски да биде прв човек на новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција е предлог за враќање на „Сваровски“ судството кое работеше по инструкции од белиот дворец. Мицкоски останува посветен на одбрана на криминалот и дејствување против правдата, против интересите на граѓаните и државата. Заврши времето кога политичари бираа јавни обвинители“,
реагираа од СДСМ.
Екс претседателот на Кривичен суд, кого Мицкоски го предлага за шеф на новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција месецов доби суспензија од Судскиот совет. Одлуката доаѓа откако обвинителството го обвини судијата за злоупотреби на АКМИС системот за електронска распределба на предмети, додека тој ја водеше скопска единица.
Обвинителката Вилма Рускоска пак, е актуелната шефица на обвинителството за организиран криминал. Таа е избрана на позицијата во ноември 2018 година од страна на Советот на јавни обвинители. Новиот закон предвидува кон тоа обвинителство да се припојат целокупниот кадар, опрема но и предмети и докази на СЈО.
Премиерот Зоран Заев денеска посочи дека тоа што Рускоска ќе стане шеф на новото обвинителство не е негов предлог, туку логичен тек.