Премиерот ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ дека не ѝ доликува на една демократска партија да одбројува денови и да се служи со уцени и закани затоа што, како што рече, потврдил дека не подлегнува ниту на уцени ниту на закани. Мицкоски, пак, му порача на СДСМ дека ако во партијата сметаат дека се толку јаки да излезат на избори и да добијат нов чист четиригодишен мандат

Меѓусебните партиски обвинувања дека се работи по нарачки и против интересите на граѓаните по најавената блокада на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ денеска ги продолжија и лидерите на двете најголеми партии од власта и опозицијата, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.
Според премиерот, блокирањето на законодавниот дом е неодговорно однесување кое опозициската партија ќе го прави по налог на нејзиниот поранешен претседател Никола Груевски.
Мицкоски рече дека и во минатото покажал дека не е склон на нарачки или притисоци и дека токму тие, СДСМ, знаат како е да добиваат нарачки од еден град во близина на Гевгелија, од едно познато семејство.
„Ова е едно неодговорно однесување коешто не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски кој очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување особено со кризава којашто ја имаме во државата, а којашто е резултат на војната којашто се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент“,
нагласи Ковачевски.
Меѓутоа, рече премиерот и лидер на СДСМ, блокадата не е ништо ново и ВМРО-ДПМНЕ го прави тоа и сега бидејќи многу закони се заглавени во парламентот.
„Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Втора работа којашто исто така е многу важна, јас ги гледам денешните написи и воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и со закани затоа што јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството“,
рече Ковачевски кој порача и дека неговата влада одлично се справила со предизвиците во првите 100 дена, како и оти има целосен политички легитимитет, поголем и од претходната влада на Зоран Заев.
Мицкоски, пак, на обвинувањата од неговиот ривал и од СДСМ дека работи по налог од Груевски денеска во изјава за медиумите од Гевгелија порача дека тој покажал оти не работи по нарачки и притисоци.
„Тие можеби работат по тој принцип на нарачки, но ВМРО-ДПМНЕ работи исклучиво за интересите на граѓаните и интересите на Македонија и така и ќе продолжи. Инаку, она коешто вчера го донесовме како заклучок на седницата на ИК, практично е реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа која ќе биде одговорна. Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикувавме на заедништво, повикувавме на дијалог да седнеме да зборуваме за проблемите, за одржување на предвремени парламентарни избори, па ако се навистина толку јаки, ако велат дека народот ги сака тие ќе нè декласираат на тие предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат политиките кои велат дека народот ги поддржува, така барем велат во нивните партиски соопштенија“,
рече Мицкоски.
Тој упати контраобвинувања на сметка на СДСМ и рече дека е партија која работи по налог, алудирајќи на нејзиниот поранешен лидер Зоран Заев.