Во земјава вчера започна реализацијата на најголемата приватна инвестицијата во енергетиката. Половина милијарда долари во 55 ветерници
Досега инвестицијата е претставувана како комерцијална, односно дека произведеното ќе се продава на слободниот пазар. Но, некои ставови кажани на поставувањето камен-темелник и на ланската промоција на проектот отвораат дилеми – дали Владата (ЕСМ) планира да договори откуп на производството на приватната фирма
Крај штипското село Љуботен вчера беше поставен камен-темелник кој веќе го доби епитетот историски. Зошто? Затоа што почнува со реализација досега најголемата приватна инвестиција во енергетиката во земјава. На јавноста ѝ се презентирани следниве факти. Дека зад проектот стои инвестицискиот фонд „Алказар енерџи партнерс“, дека ќе се изградат 55 ветерници, дека инвестицијата ќе изнесува околу 500 милиони долари, дека годишното производство ќе изнесува околу 1 TW (околу една четвртина од годишното производство на РЕК „Битола“).

Лопати фрлаа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Даниел Калдерон, соосновач и управувачки партнер на компанијата инвеститор.

„Да се заблагодарам до граѓаните што имаат трпение, на сите оние коишто одделија дел од својот живот за да се посветат на овој проект и, конечно, на крај да му се заблагодарам на Даниел што нè препозна како дестинација којашто ќе биде дом на инвестицијата на ‘Алказар енерџи’. Јас од мое име и од името на Владата, и од името на сите институции коишто се дел од Владата, можам да кажам дека продолжуваме заедно за сето она коешто тие мислат дека ние можеме да бидеме од помош, стоиме на располагање. Уште еднашка, нека ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“,
кажа премиерот Христијан Мицкоски.

„Денов е ретка прилика. Во моето дваесетгодишно искуство… не сме виделе проект за обновливи извори којшто стигнал до завршување на фазата на обезбедување дозволи за градба во согласност со роковите кои во јуни минатата година ни ги вети претседателот (на владата н.з.) на Македонија“,
изјави Даниел Калдерон.
Наизглед, сè се чини јасно. Но, не и ако внимателно се слушнат говорите на власта и на инвеститорите. И од вчера и од пред една година.
Струја за 100 000 домаќинства
Инвестицијата на „Алказар“ во обновливи извори на енергија во земјава досега е претставувана како комерцијална. Тоа подразбира дека ветерниците ќе произведуваат струја, а таа преку трговци ќе се продава на слободниот пазар. Кога има потреба од струја, цената расте. Кога, пак, има помалку потреба, цената на произведената енергија паѓа. По тој бизнис-модел функционираат најголемиот дел од фотоволтаичните централи во земјава. Токму затоа инвестиција од 500 милиони долари во обновливи извори не е со нула ризик. Може да има производ, а да нема секогаш кој да го купи за цена што ја оправдува инвестицијата.
Тука се отвора прашањето – дали „Алказар“ инвестира во земјава затоа што можеби има гарантиран пласман на енергијата што ќе ја произведува? Дилемата не е слободна претпоставка, туку произлегува дел од изјавите на Даниел Калдерон, дел на премиерот Христијан Мицкоски.
При вчерашното обраќање, претставникот на „Алказар“, меѓу другото, кажа:
„Проектот ќе креира 600 работни места при изградбата и ќе снабдува повеќе од 100 000 домаќинства“.
А нешто подоцна додаде:
„Да ги погледнеме цените на електричната енергија во последните шест месеци. Просечната цена на струјата, го цитирам ‘Блумберг’, е некаде меѓу 135 и 145 евра за мегават-час… Би сакал да споделам со вас дека со ветрот што го имате во Македонија, со цената на капиталот која ја имате во Македонија, проектите како нашиот ја достигнуваат нултата граница на исплатливост на цена, која е околу 50% пониска од просечната сегашна цена на пазарот“.
Прашањето што се наметнува по изјавата на Калдерон е како ветерниот парк ќе снабдува со струја 100 000 домаќинства? Не дека не е возможно, туку за да биде возможно е потребен договор за продажба на струја од „Алказар“ кон државните „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) или директно кон ЕВН, бидејќи ЕВН е таа што ги снабдува домаќинствата.
И понатаму, зошто би било важно за земјава тоа што инвеститорот ќе биде на позитивна нула со цени кои се двојно пониски од сегашните на пазарот, бидејќи ако неговиот влез во земјава е чисто комерцијален, тој ќе продава на оној што ќе понуди најмногу.

Дека дилемите не се без основа може да се заклучи и ако внимателно се слуша премиерот. Христијан Мицкоски вчера беше повоздржан, но кога на 25 јуни 2024 г. правеше промоција на истиот проект, кажа:
„Со завршување на овoј проект дури стотина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетската независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо“.
Освен што оваа изјава го засилува прашањето како 100 000 македонски домаќинства ќе се снабдуваат со енергија од „Алказар“, отвора и дополнително – како инвестицијата која досега е претставувана како комерцијална (не е дел од ЕСМ) ќе ја зајакне енергетската независност на земјава?
Од Владата засега молк
„360 степени“ уште вчера се обрати директно до Службата за односи со јавност на Владата. Побаравме појаснување во насока на едно клучно прашање – дали Владата (ЕСМ) има договор со „Алказар“ за откуп на произведената енергија.

Прашавме и дали Владата планира да купува струја директно од „Алказар“? Дали може да потврди дека „Алказар“ ќе остане чисто комерцијална инвестиција? Па и, како точно „Алказар енерџи“ ќе снабдува 100 000 домаќинства во земјава и ќе придонесе за енергетската независност, ако станува збор за чисто комерцијална инвестиција? Не добивме одговор.
Денеска дополнително се обративме до „Електрани на Северна Македонија“ со слични прашања. Дали е потпишан некаков договор? Ако е, кои се деталите? Ако не е, дали компанијата може децидно да каже дека во иднина не би се потпишал договор за откуп на струјата на „Алказар“ за потребите на ЕСМ. Добивме одговор. Го пренесуваме интегрално.

Секоја инвестиција во обновливи извори на енергија го зацврстува патот на државата кон декарбонизација и целосна енергетска трансформација. Во однос на вашето прашање, во моментов, АД ЕСМ нема договор за купопродажба на електрична енергија со „Алказар“,
ни одговорија од „Електрани на Северна Македонија“.
Премиерот лани дециден
Во ноември минатата година, на собраниска седница за пратенички прашања, дел од дискусијата беше токму за проектот на „Алказар“. Опозицијата прашуваше зошто нема посебна владина седница за инвестицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш, за разлика од Владата сега, беше дециден дека нема потреба од такво нешто бидејќи државата нема да влегува во аранжмани за загарантиран откуп или друг тип олеснувања за „Алказар“.

„За инвестицијата ‘Алказар’, господине Фатмир Битиќи, не е потребно да има владина седница, затоа што нема поволности и не е согласно Законот за стратешки инвестиции, затоа што самата компанија настапува на слободниот пазар со производот што ќе го произведе откако ќе биде готов овој ветерен парк. Не нудиме загарантиран откуп со загарантирана цена за период од 15, 20 или 25 години, не нудиме даночни ослободувања и слично. Не нудиме земја гратис, туку урбанизација и се разбира купување на таа земја согласно процедурите и применливото право, приклучок согласност правилата на МЕПСО без повластени тарифи, без повластени договори, без тајни и скриени агенди итн. Со други зборови, разликата помеѓу оваа инвестиција за која јас зборувам, од половина милијарда долари, и овие за кои вие зборувате е црно-бела, бидејќи кај оваа нема никакви привилегии, а кај овие другите инвестиции вие дававте се“,
кажа премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември 2024 година.
Инвестициите на неговите претходници, на кои се реферираше Мицкоски, беа најавените но никогаш неостварени стратешки инвестиции кои се проценуваа на околу 800 милиони евра. Накратко, четири компании се согласија да изградат енергетски капацитети во кои удел ќе имаше и државата, а за возврат добиваа различни олеснувања и клучно – загарантиран откуп и цена на произведената енергија.
„Прво, Митилинеос дури и кога беше донесен стратешкиот договор овде беше со измината банкарска гаранција. Второ, тие услови кои вие им ги понудивте, јас ви гарантирам дека најмалку 10 македонски бизнисмени утре ќе инвестираат. Зошто да го дадеме тоа на Митилинеос, ајде нека го инвестира ЕСМ или некој македонски бизнисмен”,
кажа Мицкоски на истата собраниска седница.
Кои се „Алказар“
Според информациите објавени од самата организација, седиштето им е во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Фондот, на чие чело е соосновачот Даниел Калдерон, се фокусира на проекти поврзани со обновлива енергија на пазари во развој. Досега оваа организација имала една успешна инвестиција АЕП-1 во Северна Африка и Блискиот Исток, која во 2021 била откупена од кинеската „China Three Gorges South Asia Investment Ltd”, чии, пак, акционери, според соопштение на „Алказар енерџи“, во тој момент се и „International Finance Corporation“ и „Silk Road Fund“. „Silk Road Fund“ e проект зад кој стои кинеската држава.
Нивната инвестиција во Македонија сегашната власт ја најавуваше уште кога беше во опозиција. А првата формална потврда за намерите на новата влада и „Алказар“ дојде веќе вториот ден по формирањето на кабинетот на Мицкоски.