Некои дури коментираат и дека имаат тешкотии да им објаснат на своите децата зошто сцените од Светското првенство се толку различни од оние со кои се соочуваат луѓето дома
Огромно внимание посветија кинеските државни медиуми на Светското првенство во првата недела од неговото одржување во Катар, но преносот од натпреварите ги подгреа фрустрациите кај Кинезите.
Машката репрезентација на Кина не успеа да се пласира на Мундијалот, а сцените од телевизиските преноси од Катар каде навивачи се собираат, навиваат и слават без маски уште толку ги иритира Кинезите од кои голем дел се под рестрикции со забрана за собири и прослави.
Многумина го искористија првенството за да се пожалат на нулта-ковид стратегијата што ја форсираат кинеските власти и поради која цели заедници и градови се ставаат во карантин поради појава и на само неколку поединечни случаи на заразени со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Кина во последните 24 часа забележа повеќе од 28 000 нови заразени со ковид-19 и воведувањето карантини за одделни региони и провинции се зголеми во последните неколку недели. Во ситуација кога немаат можност да отидат во бар и да проследат некој натпревар, а од друга страна медиумите се преполни со репортажи од Катар во кои се промовира присуството на кинески знаменитости и производи на Мундијалот, револтот Кинезите го искажаа преку интернет. Барем колку што им е дозволено.
На апликацијата „Ви чет“ вчера бргу се прошири отворено писмо во кое се доведува во прашање политиката на земјата за нулта-ковид стратегијата и се поставува прашањето дали Кина е на иста планета како и Катар. Меѓутоа, оваа, наведува Би-би-си, вчера бргу беше цензурирано.
Коментари се шират и на социјалната мрежа „Веибо“, која е слична на „Твитер“, каде фудбалските фанови коментираат дека гледањето на натпреварите од Мундијалот прави да се чувствуваат поделени од остатокот од светот.
Некои, пренесува Би-би-си, зборуваат за тоа дека им е чудно да видат стотици илјади луѓе како се собираат без да носат маски и без обврска да покажат негативен ковид-тест.
„Нема посебни седишта за луѓето да може да одржуваат социјална дистанца, а нема ниту никој облечен во бела или сина (медицинска) облека. Оваа планета стана навистина поделена“.
„На едната страна на светот е Светското првенство, на другата се рестрикциите да не се посетуваат јавни места пет дена“,
гласат дел од коментарите.
Некои дури коментираат и дека имаат тешкотии да им објаснат на своите децата зошто сцените од Светското првенство се толку различни од оние со кои се соочуваат дома.
Од друга страна, имаше и многу Кинези кои беа критични кон попуштањето на рестрикциите во другите земјите додека Светската здравствена организација (СЗО) сè уште го смета ковид-вирусот за „акутна глобална вонредна состојба“.
Фото: EPA-EFE/Martin Divisek