Пред само две недели, лидерот на Беса во интервју за РСЕ, пак, излезе со став дека тие нема да бараат избори и да се создаваат дополнителни проблеми за државата и граѓаните. Тогаш тој рече дека нивно барање е да има дополнителни механизми за контрола на владата
Градоначалникот на општина Тетово и лидер на Движење Беса, Билал Касами, вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека најдобра опција за да се стави крај на политичката криза се предвремени парламентарни избори оваа есен.
„Идната влада ќе ја има можноста и капацитетот за решавање на сите проблеми вклучувајќи и спорот со Бугарија“,
порача Касами.
Пред две недели, пак, во интервју за „Радио Слободна Европа“ (РСЕ), тој рече дека како опозициска партија нема да бараат предвремени парламентарни избори, како што инсистира ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние нема да навлегуваме со барање за избори па да создаваме дополнителни проблеми за државата и граѓаните. Но истовремено наше барање до меѓународните партнери е дека мора да имаме дополнителни механизми за контрола на владата. Ако договориме дека во ситуацијата во која е Балканот поради војната во Украина не е време да се организираат предвремени тогаш мора да се договориме да се создадат тие дополнителни механизми за да се заштитиме од корупција од високо ниво. Бидејќи веќе имаме перманентни примери како високи владини функционери запаѓаат во криминал и корупција“,
рече Касами во интервјуто за РСЕ објавено на 15 мај 2022 г.