Дел од „Безбеден град“, кој треба да прерасне и во „Безбедна држава“, со опфаќање на сите поголеми градови и на коридорите 8 и 10, ќе бидат и возила опремени со паметни камери, кои по сообраќајниците и улиците, меѓу другото, ќе „ловат“ и погрешно паркирани возила
За ефикасно и функционално спроведување на проектот „Безбеден град“ ќе биде потребно да се направат измени на најмалку пет закони, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Како што појасни тој, измени ќе има во Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот законик и Законот за извршување санкции.
„На почетокот сметавме дека треба да одиме со измена на еден до два закони, меѓутоа констатиравме дека има суштинска потреба од еден системски пристап доколку сакаме навистина да го спроведеме овој проект ‘Безбеден град’ како што треба, со измена на повеќе закони, најмалку пет… Ова се клучните закони кои треба да претрпат измени доколку сакаме да поставиме функционално системско решение“,
рече министерот по јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.
На оваа проблематика, како што посочи министерот, работата и се вклучени речиси сите институционални фактори коишто можат да дадат придонес во имплементацијата на автоматизираниот систем за регистрирање сообраќајни прекршоци.
На денешната трибина, како што кажа, присутни биле професори од Правниот и од Факултетот за безбедност, претставници од Министерството за правда, од Јавното обвинителство, од судовите, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), како и луѓе од невладини организации коишто се поврзани со оваа проблематика.
„Сметаме дека со еден инклузивен пристап на сите фактори во општеството, со една транспарентна постапка ќе дојдеме она што го посакуваме, а тоа е безбеден град и безбедна држава во делот на сообраќајната некултура којашто ја имаме, а која во иднина се надевам дека ќе ја кренеме на еден висок степен на сообраќајна култура, што на крајот на денот ќе го оствари она што ни е првична цел, а тоа е повеќе никогаш да немаме по 142 жртви како последица на сообраќајни незгоди“,
рече Тошковски.
Обраќајќи се пред новинарите, министерот сподели и компаративни статистички податоци за бројот на констатирани сообраќајни прекршоци во период од 10 дена во 2025 година, споредено со 2024 година.
Така, ако за 10 дена во 2024 година на подрачјето што е под надлежност на СВР Скопје биле регистрирани околу 2 000 прекршоци, оваа бројка годинава изнесувала околу 4 000 сообраќајни прекршоци, кои се констатирани со зголемување на присуството на полициски службеници на терен.
„Факт е дека бројката на сообраќајни незгоди е намалена вкупно за некаде отприлика за околу триесетина проценти, а бројката на сообраќајните незгоди во кои како последица имаме тешки телесни повреди е намалена за некаде околу шеесетина проценти. Заклучокот е дека со констатирање на фактичка состојба од страна на една ваква современа алатка (Безбеден град) совесните возачи и тоа како ќе се придржуваат на сообраќајните правила, затоа што ќе знаат дека секој еден што ќе прекрши сообраќајно правило ќе биде казнет“,
рече Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање кога може да се очекува измените на посочените пет закони да се најдат во Собранието, министерот за внатрешни работи кажа дека во наредниот месец интензивно ќе се работи на целокупната легислатива и оти се надева дека до крајот на март ќе бидат готови првичните верзии на сите закони.
Очекувањата на Тошковски се законските измени да влезат во владина процедура до април, а до крајот на истиот месец да се најдат и пред пратениците во Собранието.
Министерот напомена дека овој проект, од аспект на начинот на негово функционирање, почнал да се имплементира од 1 јануари оваа година, со измената на образецот за регистрација на возилата.
„Започнавме со прибирање податоци коишто се нужни за процесно постапување во рамки на имплементацијата на ‘Безбеден град’ и во иднина ‘Безбедна држава’. Односно со прибавувањето на податоците од аспект на телефонски број и имејл адреса на секој еден сопственик на возило и истек на период од година дена, ние ќе ги имаме потребните законски претпоставки за да кажеме дека од 1 јануари 2026 година се исполнети законските предуслови да секој еден што е сопственик на моторно возило и законски си го регистрирал возилото може да биде легитимен учесник во рамките на сообраќајот“,
изјави министерот.
Тој посочи дека во најавениот пробен период граѓаните ќе добиваат пораки со известувања за сторен сообраќаен прекршок, со што ќе се уверат дека системот функционира, а од 1 јануари 2026, како што рече, ќе бидат исполнети законските предуслови „Безбеден град“ да почне и официјално да функционира.
Дел од „Безбеден град“, кој треба да прерасне и во „Безбедна држава“, со опфаќање на сите поголеми градови и на коридорите осум и десет, ќе бидат и возила опремени со паметни камери, кои по сообраќајниците и улиците, меѓу другото, ќе „ловат“ и погрешно паркирани возила.
„И, да, тие веднаш ќе бидат процесирани во рамките на системот врз основа на компјутерска обработка на податоците кои ќе бидат внесени во системот“,
додаде тој.
Министерот ова го кажа прашан за недостигот на велосипедски патеки и со тротоарите полни со паркирани автомобили, како и паркирањето на сообраќајни ленти.
„Доколку сакаме системски да се посветиме на решавање на овој проблем, не можеме само да се фокусираме на делот на законската легислатива, ова мора да биде посеопфатен процес во кој посебно внимание ќе треба да се посвети и на градскиот сообраќај, на велосипедистите и на погрешно паркираните возила, на обележани пешачки премини, необележани пешачки премини, потреба од преадаптација на одредени раскрсници, воведување на кружни текови итн.“,
рече министерот за внатрешни работи.