Германија ќе стави акцент на Западниот Балкан во текот на претседавањето со ЕУ, изјави за Дојче веле државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.
Тој се противи на формулацијата која честопати се користи во германските медиуми, според која Западниот Балкан е „задниот двор“ на Европската Унија и дека поради таквиот однос на официјален Брисел тој постојано е запоставен.
„Овој регион е главниот двор на ЕУ и нам ни е во интерес земјите од Западниот Балкан што поскоро да го пронајдат патот кон демократијата, владеењето на правото и регионалното помирување. Тоа ќе придонесе и за отворање на перспективите за младите луѓе. Ние дополнително ќе се ангажираме во остварување на овие цели во регионот во текот на шестмесечното раководење со ЕУ“,
изјави Рот за Дојче веле.
Тој најавува дека Германија ќе организира посебна конференција на која ќе се расправа за иднината на младите од Западниот Балкан
„Овој регион ќе стаса до благосостојба и стабилност единствено ако ЕУ преземе поголема одговорност“,
уверен е Рот.
Според него, ЕУ треба да го зајакне своето присуство во земјите од Западниот Балкан.
„Мора да покажеме разбирање и емоција. Мора на луѓето да им стане јасно дека не сме само екипа технократи, туку се обидуваме да ги решаваме проблемите кои нив ги загрижуваат. Еве, на пример, на земјите од регионот, во борбата против пандемијата им помогнавме со 3,3 милијарди евра, а во јавноста се има погрешен впечаток дека поактивни од нас се некој други земји, како Кина или Русија. Значи, мора и да ја зголемиме нашата видливост“,
вели Рот за Дојче веле