„Никогаш. Никогаш од бугарска страна.“ Вака одговори Генчовска на прашањето дали инцидентот во Битола може да се протолкува како провокација од бугарска страна
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, при денешната посета на опожарениот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, изјави оти инцидентот нема да ги наруши односите меѓу двете земји изразувајќи надеж дека македонските служби ќе спроведат брза истрага и ќе го најдат сторителот.
„Началникот на полициската станица ме увери дека се преземени сите мерки заедно со јавен обвинител и крим-техника и во најскоро време ќе дадат резултати по што се надеваме на постапка на судот за да има завршна пресуда за сторителот“,
рече таа.
„Никогаш. Никогаш од бугарска страна.“ Вака одговори Генчовска на прашањето дали настанот може да се протолкува како провокација од бугарска страна. Прашана какви се односите меѓу двете земји, таа одговори дека продолжува конструктивниот дијалог.
„Продолжуваме со конструктивниот дијалог. Морав да излезам од средбата со Бујар Османи, сега се враќам пак, продолжуваме. Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија за да биде исполнет Договорот“,
вели Генчовска.
Влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“ беше опожарен утрово во пресрет на работната посета на Генчовска на земјава. Таа имаше средба со нејзиниот македонски колега, Османи.
Инцидентот го осудија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека „во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо“.